Третата етапа за Белгиецот Вејлант, трката заврши за Ванде Велде
Американецот се здоби со скршеница на клучната коска во еден од инцидентите на делницата од Амстердам до Миделбург
Белгискиот велосипедист Воутер Вејлант победи во третата етапа на Џиро ди Италија што се возеше од Амстердам до Миделбург во должина од 224 километри. Во завршниот спринт тој беше побрз од Австралиецот Грем Браун и Германецот Роберт Ферстер.
Етапата ја одбележаа неколку инциденти, а меѓу жртвите, во еден од нив, беше и водечкиот во генералниот пласман по втората етапа, Кејдел Еванс од Ацстралија. Најлошо, сепак, мина еден од фаворитите за победа, Кристијан Ванде Велде од САД, кој се здоби со скршеница на клучната коска и за него годинашното Џиро е завршено.
Водството во генералниот пласман го презеде Александар Виноикуров од Казахстан кој го освои 10 место во третата етапа. Втор е Австралиецот Ричи Порте со идентично време како и Винокуров, една секунда зад нив, на третата позиција, е Британецот Дејвид Милар.
Вчера беше слободен ден на Џиро ди Италија. Трката продолжува денеска со четвртата етапа, екипен хронометар во одлжина од 33 километри, прва во нејзината родна земја, Италија.
Резултати од третата етапа на Џиро ди Италија што се возеше од Амстердам до Миделбург во должина од 224 километри: Воутер Вејлант (Белгија) 5:00,06 часа; Грем Браун (Австралија); Роберт Ферстер (Германија); Данило Хондо (Германија); Адам Блит (В. Британија); итн...
Генерален пласман: Александар Винокуров (Казахстан) 10:07,18 часа; Ричи Порте (Австралија) - исто време; Дејвид Милар (В. Британија) +1 секунда; Винченцо Нибали (Италија) +5 сек.; Марсел Сјеберг (Германија) +7 сек.; итн... |