Атлетико Мадрид и Фулам се борат за шпанската и за англиската чест
Откако останаа со празни раце во ЛШ, вниманието во Шпанија и Англија е завртено кон вечерашното финале во Лига Европа
Наум Котевски
Атлетико Мадрид и Фулам дојдоа во ситуација да се борат за шпанската и за англиската фудбалска гордост. Тоа е така затоа што гигантите како Барселона, Реал М., Манчестер Ј., Челзи, Арсенал колабираа во Лигата на шампионите, па сега сакале, или не, вниманието на фудбалската јавност во овие две земји е фокусирано на вечерашното финале од Лига Европа, што ќе одигра во Хамбург. Добро, титулата во ова натпреварување има своја чар, но ќе се согласите ништо не може да се спореди со Лигата на шампионите.
Како и да е, Атлетико М. и Фулам многу, многу не се замараат со тоа, веројатно и поради тоа што и самите се свесни дека местото им е токму тука - во вториот ешалон.
Имено, Атлетико Мадрид никако да стане добар и фаворизиран тим, барем и на хартија пред некој посериозен натпревар, иако на таа иста хартија стојат индивидуални имиња како Серџо Агуеро, Диего Форлан, Симао, Хозе Антонио Рејес, па младото дуо Домингез и Давид Гија. Тоа е тим со хронична болка. Секоја година стартува со амбиции до небо, со изјави за спектакуларна сезона и на крајот се' се сведува на просечност. Во стартните 15 кола во Примера резултатите беа шокантни, па Атлетико М. долго беше во зоната за испаѓање. Откако на тренерската клупа е Кике Санчез Флорес (дојде во октомври мината година на местото на отпуштениот Абел Ресино) работите малку се променија. Па, иронично по таков лош старт сега Атлетико има шанса со освојување на титулата да ја претвори сезонава во една од најуспешните во историјата на клубот (титулата во Купот на победниците на куповите од 1962 фати веќе дебел прав).
Инаку, Атлетико М. е клуб кој важи за најслаб меѓу првите 10 екипи во Шпанија кога станува збор за одбраната - со примени 37 гола. Но истовремено има петти најдобар напад со 57 постигнати голови.
„Сега целата сезона се сведува на овие 90 минути. Секоја грешка може скапо да не чини. Ќе биде различно од било кој друг натпревар. Фулам е добро организиран тим со одличен менаџер. Во тимот има неколку добри фудбалери, како Замора, Клинт Демпси, Симон Дејвис и Золтан Гера. Тие може да ви го доведат животот во опасност. Но, и ние имаме свои оружја. Ајде да видиме што ќе се случи“, порача Флорес, чиј тим претходно ги елиминира Спортинг, Валенсија, Ливерпул.
Напаѓачот на Атлетико М. и зет на Диего Мардона, Агуеро, смета дека противничкиот состав нема историја која може да му помогне да дојде до титулата.
„Ако ја анализираме историјата и статистиката во Европа, супериорни сме во однос на Фулам. Тоа секако не е гаранција за победа, но може нешто да значи. Со ова не сакам да кажам дека не ги респектираме. Сезонава го елиминираа Јувентус, Волфсбург, Хамбургер, не може да станува збор за слаб клуб. Ќе се борат за секоја топка. За тоа сум свесен. Но, тие не се Челзи, Манчестер, ниту пак Арсенал“, вели Агуеро.
Од друга страна, Фулам доаѓа во Хамбург да го одигра своето прво европско финале во клупската историја. Станува збор за цврст тим со одлични играчи кои веќе ги спомена Кике Санчез Флорес. Можеби го заборави искуството на играчот од средниот ред Дени Марфи, кој контра размислувањата на Агуеро, има солидно минато и искуство.
Сопственикот на Фулам Мохамед ал Фаед му симнува капа на Рој Хоџсон, човекот кој, според него, е главен виновник за успехот на Фулам. „Тој е маестро. Начинот на кој ги тренира фудбалерите и способноста да ги натера да сакаат да победуваат е феноменален. Пресреќен сум“, кажа Ал Фаед за 62 годишниот Хоџсон.
Како и да е, приказната која започна пред 10 месеци, и која содржеше во себе повеќе од 30.000 поминати километри, вклучувајќи го и патешествието до полуфиналниот меч во Хамбург со автобус поради вулканската прав, треба да има среќен крај, вели Хоџсон.
Во 38 годишната историја на денешната Лига Европа постојат само две шпанско - англиски финалиња. И двете се одиграа во овој век. Оној првиот меѓу Ливерпул и Алавез, се прераскажува и денеска, додека оној вториот меѓу Севилја и Мидлсборо беше едносмерна улица.
Ливерпул и Алавез во регуларниот дел одиграа 4:4, а продолжението го обележаа двата црвени картони на Алавез и автоголот на Делфи Гели. Во второто споменато финале Севилја предводена од Хуанде Рамос го декласира Мидлсборо со 4:0. |