|
Мислења
Македонија е Шутка - тепајте!
Слободан Најдовски
Со пристапот манифестиран во Шутка власта само потврди дека интервенцијата беше инспирирана исклучиво од политички причини
Интервенцијата на специјалните единици на МВР во Шутка, по барање на Бирото за заштита на интелектуална сопственост, ја разбранува македонската јавност. Гледано од аспект на спроведување на Законот за заштита од фалсификат на брендираната стока, акцијата е оправдана. Сепак, неизбежен е заклучокот дека власта немаше цел да се справи со фалсификаторите на познатите светски производни марки, туку акцијата имаше исклучиво политички призвук. Таквиот заклучок произлегува од преземањето на акцијата само на пазарот во единствената ромска општина кај нас.
Организацијата и работењето на зелените пазари се регулирани со Законот за трговија. Во Законот се дефинирани видовите стоки што може да се продаваат и обврските на организаторите на пазарите за определување на местото каде кој производ може да се продава. Но, на сите надлежни институции и инспекции им е познато дека ниеден пазар, во буквална смисла на зборот ниту еден, не само од аспект на продажба на брендирана стока туку и од секој друг аспект во Македонија не работи во согласност со одредбите од Законот за трговија.
Зелените пазари во почетокот на деведесеттите години од минатиот век почнаа да ја губат функцијата и ликот што го имаа во претходниот, критикуван систем. Од место каде што граѓаните можеа да се снабдат со свежи земјоделски производи директно од производителите, пазарите се' повеќе стануваа простор во кој се продава се' и сешто. Промената на општественото уредување, проблемите и последиците што ги донесе транзицијата се одразија на социјалната положба на голем број граѓани. Најголемиот дел од првите продавачи на ситно на пазарите се произлезени од поранешните фабрики, кои како стечајни работници или технолошки вишок станале социјални случаи. Во поново време им се придружија и млади луѓе што не можеа да најдат вработување. Со еден збор, состојбите на пазарите ја отсликуваат тешката социјална положба на нашите граѓани. Пазарите и продажбата по улици станаа место и начин за обезбедување основна егзистенција на голем број семејства во државава. Оттука, средувањето на состојбите на пазарите, покрај економско-комунално, се' повеќе станува и социјално прашање, но и политичко.
Прв обид и, секако, досега најуспешен за средување на состојбите со тезгаџиите што продаваат неземјоделски производи имаше во 1995 година, по предлог на тогашниот министер за економија Ристо Иванов. Тогаш се успеа да се канализираат дел од работите, при што се одредија посебни места за продажба на текстил, пластични производи и друго. И речиси целосно беше извршено регистрирање на тезгаџиите како самостојни трговци. Оданочувањето беше паушално и во износ што беше поднослив за продавачите. Но, во изборната кампања во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ, шетајќи по пазарите, им вети дека ќе им овозможи слободна продажба и ќе им ги обезбеди сите потребни услови. Набргу, кога стана владејачка партија, увиде дека тоа не е можно и залудно се донесе Законот за трговија, бидејќи не го спроведе. Во тоа време, со регулирање на готовинските плаќања, се воведе и фискализација на тезгаџиите, но со одложена временска примена.
Квалитетно подобрување на Законот за трговија имаше во 2004 година, кога законските одредби за одредување на местото за продажба како и видот производи што ќе се продаваат на пазарите, како и други надлежности поврзани со т.н. зелени пазари, преминаа во рацете на локалните власти. Но, политиката повторно вмеша прсти и во предизборната локална кампања во 2005 година, сегашната власт, тогаш опозиција, ги поддржуваше протестите на т.н. улични продавачи и им ветуваше дека тие кога ќе дојдат на власт трајно ќе ги решат проблемите со кои се соочуваат. Место тоа, прв чекор на оваа Влада беше спроведувањето на фискализацијата на тезгаџиите. И, се' би било в ред да не беше законски сосема погрешното решение, место тезгаџиите, за фискализација да бидат задолжени организаторите на пазарите. Иако сегашната опозиција укажуваше дека тоа е невозможно и противуставно, Владата беше упорна. Сепак, по неколку обиди за фискализација и организираниот отпор на тезгаџиите, владините претставници увидоа дека тоа не е можно, па се повлекоа. За повлекувањето уште повеќе придонесе оцената на владејачката партија дека, поради спроведувањето на Законот, ќе изгубат голем дел од потенцијалните гласачи. Затоа работеа по системот тргни - застани и на крај изнајдоа соломонско решение со кое фискализацијата ја одложија до влезот на нашата земја во ЕУ. Со тоа само го одложија решавањето на проблемот, а состојбите уште повеќе ќе се усложнуваат.
Хронолошкото навраќање на состојбите е со цел да се согледа зошто денес ја имаме негативната слика на нашите пазари. Сите организатори на пазарите во голем дел работат спротивно на Законот. Издаваат тезги на нерегистрирани субјекти. На пазарите се продаваат производи, чија продажба е забранета со Законот за трговија. Оттука, недозволената трговија и нецелосното спроведување на Законот за трговија не е својствено само за Шутка, туку цела Македонија е Шутка. Македонските пазари се место на нелојална конкуренција на регистрираните трговци и на малите бизниси. Од друга страна, пак, тие се и потенцијална социјална експлозија со лесно запалив фитил. Но, воедно тие се и единствено место за заработување на некој денар за многу семејства. Поради тоа, пазарите и проблемите со кои се соочуваат тезгаџиите се погодна почва за политички манипулации. Тоа е повод што во предизборните кампањи политичарите се шетаат по пазарите, но набргу забораваат на проблемите на пазарџиите.
Проблемот е крајно сериозен и бара сериозен пристап при решавањето. Решавањето на проблемот не е можно само со примена на репресивни мерки предвидени, пред се', со Законот за трговија и Законот за заштита на интелектуалната сопственост, при што непотребно се инволвира и МВР. Излезот треба да се бара во комбинирање на социјални мерки, со искористување на финансиските средства наменети за социјална помош, и економските, а посебно мерките од даночната политика.
Доколку навистина власта имаше намера да се справи со проблемите што ги носи нелегалната трговија, ќе преземеше и мерки што се во надлежност на Царината и на пазарната инспекција. Со пристапот манифестиран во Шутка, власта само потврди дека интервенцијата беше инспирирана исклучиво од политички причини, засега за многумина нејасни. Настанот не смее да остане неразјаснет. Во спротивно не се исклучува некоја нова Шутка.
(Авторот е поранешен пратеник) |
#
|
Статијата е прочитана 1285 пати.
|
|
|
|
|
|
Од: nekoj |
Датум: 27.04.2010 00:48:02 |
|
Bravo za statijata. Shutki sme nie site, itoa golemi-stom dozvolivme da dojdeme do ova. Zamislete, pred nekoj den najdov mnogu grupi na facebook podrzuvani od nasata "progresivna" mladina polni so: omraza, nacionalizam, nekultura, prostacko odnesuvanje, se sto moze da opise eden nizok profil na licnost. Zamislete: "evropa e fasisticka, grcite se dusmani, site se kreteni, a nie najpametnite" samo sto nie ziveeme kako vo Avganistan! Sto mozese da izrodi ovaa tranzicija osven edna: zaslepena, zamaena, izgubena vo prostor maldina? I taa mladina ke bide pro-evropska, progresivna, so ideji? Ne toa e edno testo sto sekoj politicar moze da go deformira kako saka i umee. Manipuliranje, seenje strav, diktatura-na Makedinija ne mozese da i se sluci poloso. Nazdravje neka vi e na site. I da:gordost da vi e takva mladina -SRAMOTA. |
|
|
|
|
|
|
Од: Лазо Стефанов |
Датум: 27.04.2010 07:22:18 |
|
Недај Боже да се случат уште неколку вакви настани и повторно Макеонија ќе биде на врвот на агендата на ЕУ. А суштината на Шутка е во тоа што таа е поразлична од другите подрачја на оранизираниот шверц. Ова не е исто со организираниот шверц на цигари, на дрога, оружје, жени, па во поново време на деца. Во овие подрачја босовите ги менуваат адресантите на рушветот и опстојувваат било кој дае на власт. Во Шутка тоа не е така, таму има многу учесници и не доаѓа до исплата на рушветот. Заштитата на интелектуалната сопственост е само гола маска. |
|
|
|
|
|
|
Од: ФЕЛИКС |
Датум: 27.04.2010 09:25:05 |
|
Читам да ,,очите ви се широко затворени,знаете многу добро што бара од нас визави шверц со фалц брендирана стока плус пиратерија.За тепањето сигурно ви излегува пред очи претепување на ситни шверцери на цигари на Бит-пазар,па претепување тутунару,Ѓорчепетровци и др.а се во ваше владение.Или можеби мислите да во ваше време ,,батина је изашла из раја,, или да го парафразирам Милошевиќ,,нико не сме да вас бије,сем мене ,, |
|
|
|
|
|
|
Од: jovan |
Датум: 27.04.2010 10:56:28 |
|
Znaci spored tebe se bilo vo red so zakonite, se sproveduvale, vazele, nemalo nikakvi problemi, no se pojavi famoznata 1998ma i 2006ta godina i Zakonite prestanaa da vazat. Kolku sto nas graganite ne sluzi pametot, pamtime deka bese isto vo site godini, bez razlika dali bevte vie i vasite "zakoni" ili ovie so nivnite "zakoni". |
|
|
|
|
|