ЕВРОПА - БАЛКАН
Сигнали на нервоза
Иван Торов
„Еулекс“, по извесно двоумење, ја поддржа оваа мерка, додека КФОР соопшти дека е загрижен поради акциите кои може да ја загрозат сигурноста и безбедноста на Косово
БЕЛГРАД - Најпрво основната информација: во опсежна акција, која трае веќе неколку дена, косовската власт, со асистенција на својата полиција, исклучи (размонтира) дваесетина предаватели на мобилната, а некаде и на фиксната телефонија на српските оператори „Телеком“, „Теленор“ и ВИП. Се смета дека околу сто илјади косовски Срби во централните делови и на некои подрачја од северот на Косово (освен Северна Митровица) останаа без сигнал, што ќе каже без можност да комуницираат меѓу себе и со Србија. Косовската влада го објаснува тој радикален потег на својата Регулаторна агенција за телекомуникација со „воспоставување законитост на пазарот на телекомуникации“, односно отстранување на српските оператори на мобилна телефонија кои немаат лиценца за работа на Косово и тука не плаќаат данок. „Еулекс“, по извесно двоумење, ја поддржа оваа мерка, додека КФОР соопшти дека е многу загрижен поради акциите што можат да ја загрозат сигурноста и безбедноста на Косово, мислејќи притоа на подметувањето експлозиви под предавателот на косовскиот оператор „Ипко“ во селото Рударе кај Звечани и Кошутово кај Лепосавиќ.
Реагираа и српските официјални лица. Претседателот на републиката, Борис Тадиќ, како што кажа, е згрозен од оваа акција, а уште повеќе од однесувањето на „Еулекс“, најавувајќи патем дека ќе поведе широка меѓународна кампања на косовските Срби да им се врати сигналот, односно ова основно човеково право. Од Белград, исто така, стигнуваат предупредувања дека станува збор за „смислена кампања да се изолираат косовските Срби, а потоа да се протераат“.
Се' на се', страстите се разгореа, за кратко време е создадена нова загрижувачка криза која би можела лесно да излезе од контрола. Иако владата во Приштина истакнува дека е ненормално операторите на мобилната и фиксната телефонија од „друга држава“, без дозвола, да дејствуваат на територијата на Косово, во оптек (неофицијално) се и причините и поводите кои фрлаат нешто поинакво светло врз овој проблем. Пред се', овој потег на владата на Тадиќ, всушност, е реакција на повеќемесечни неуспешни обиди (поради ембаргото на Србија) Косово да добие самостоен повикувачки број во меѓународниот телефонски сообраќај, така што тоа и понатаму е на привремениот режим од 2000 година, кога на интервенција на тогашниот косовски администратор Бернар Кушнер, УНМИК тоа право и' го пренесе на компанијата „Монако телеком“. Второто објаснување, меѓутоа, вели дека косовската влада планира наскоро да распише тендер за продажба на својот оператор на мобилна телефонија „Вала“, но стравува дека цената би била за неколку стотици милиони евра пониска ако во Косово би останале три српски и два косовски оператора, па со оваа постапка едноставно сака да ја елиминира „нелојалната конкуренција од страна“.
Без разлика кој и да е од овие (и некои други) поводи во прашање, судирот околу телекомуникациските надлежности, всушност, е слика и прилика на ситуацијата во која Србија не ја признава косовската независност, додека косовското раководство се однесува како да ги има сите атрибути на државност што му овозможуваат повремено да повлекува и драстични мерки, не водејќи баш премногу сметка за нивните ризици, ефекти и последици пред се' за своите граѓани. На таа „рамнотежа на немоќ“ може да и' се препише и обостраната нервоза во исчекување (необврзувачка, но, сепак, многу важна) на пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој, најверојатно, пред крајот на оваа година би требало да се изјасни за легалноста на (само)прогласената косовска независност. Секоја страна има некоја своја пресметка. Србија се надева дека формулата на пресудата ќе биде таква што ќе и' овозможи продолжување на статусните српско-албански преговори, па прави се' што е потребно за независноста на Косово во меѓународните рамки повеќе да ја релативизира, па и компромитира, од прилично успешната блокада на понатамошниот процес на меѓународно признавање на новата држава, до компликување на учеството на Косово на регионалните собири. Косово, пак, смета дека неговата независност е неповратна, дека за неа повеќе нема што да се преговара и дека во интерес на регионалната стабилност би било најдобро Србија да ја прифати реалноста.
Овие два апсолутно спротивставени става, секако, произведуваат бројни проблеми во меѓусебните односи, а цената, по правило, ја плаќаат обичните граѓани и од двете страни на „граничната“ или „административната“ линија. Иако меѓународната заедница упорно инсистира на тоа Белград и Приштина да почнат дијалог за регулирање на егзистенцијалните проблеми на населението, не навлегувајќи притоа во прашањата од статусен карактер, политичарите и од двете држави просто го ескивираат секој контакт. Така и денес, две години по прогласувањето на Косово за независна држава, ништо поопипливо не е направено за враќање на бегалците, расветлување на судбината на исчезнатите, царината, надлежностите на институциите на правосудството, имотноправните односи, патните и останати лични документи, користењето на електричната енергија...
Судирот околу мобилната и фиксна телефонија - доколку во меѓувреме не се реши со интервенција однадвор и обострани отстапки, што е нереално да се очекува - се заканува таа досега релативно мирна „коегзистенција на спорови“ да добие и некои други драматични обележја. |