Број 3268  вторник, 27 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Исланд

Исланд - природата е главна

Кристофер Хиченс

Од авионот што леташе за Исланд, на почетокот на 70-тите години од минатиот век, за време на бакаларската војна што упорните Исланѓани ја водеа против наметливите британски риболовни флоти, видов како горат островите Вестман и како испуштаат огромен чад на небото.

Исланд е единствена европска држава што вулкански ја прошири својата територија - неколку години претходно од морето се појави еден остров, а жителите на ледениот архипелаг, кој со тоа беше зголемен, на островот му го дадоа името Суртсеј. Во друг случај вулканската ерупција излеа толку многу лава во морето што постоеше закана да биде затворен влезот во едно од малубројните природни пристаништа во земјата; локалното население ја полеваше лавата со студена вода, обидувајќи се да го попречи нејзиниот тек.

Ова е земја на сагата, каде што ќе сфатите нешто што Исланѓаните го знаат од раѓање – природата има главен збор и таа е немилосрдна.

„Овде ја нема Европа“, пишуваше Вистон Хју Одн во 1937 година во своите „Писма од Исланд“. „Со тоа овој остров не е реален“. Можеби мислел на Просперовиот остров, нему најомилениот, меѓутоа, Исланд има обичај да и' се наметне на Европа на многу груб начин.

Експлозијата на вулканот Лаки во 1783 година, од што настрада една четвртина од населението на Исланд, создаде облак од прав што го покри поголемиот дел од Европа, а одредени историчари сметаат дека ја предизвикал и слабата жетва што ја предизвикало и Француската револуција во 1789 година. Тоа, во најмала рака, била најава на модернизмот.

Кога вулканот Ејафјалајокул последен пат избувнал на почетокот на 19 век го загадил атлантскиот воздух за најмалку две години. Кога повторно би се случило тоа т.е. ако се случува, ние би се вратиле на бродскиот превоз и би се расправале со морнарите и со поволните ветрови.

Името на овој сега познат загадувач настанало од три исландски зборови: еја – остров, фјала – планина и јокул – глечер. Сосема едноставно, како и името на оваа земја. Телефонскиот именик на Исланд е организиран според имињата, а не според презимињата, бидејќи, без разлика дали сте маж или жена, презимето го добивате по татковото име. Па, така, ако вашиот татко се вика Халгрим (Халгрим), вие ќе бидете Халгримсон (Халгримсон) или Халгримсдотир (Халгримсдотир), иако постојат мали исклучоци. Повторно многу едноставно.

Исланд, можеби, е најбескласното општество во светот, а сигурно е најпротестантското и етнички најчистото. Рејкјавик е полн со генеалози, бидејќи семејните стебла се протегаат стотици години во минатото.

До неодамна Исланѓаните имаа едн��ставен животен избор – овци или риболов. Во земјата што личи на тундра (таму тренираа астронаутите на мисијата „Аполо“, бидејќи теренот е сличен на тој на Месечината) има многу тревни површини за пасење на овците.

Истиот едноставен принцип владее и на море. Слоганот гласеше „Лови риба или умри“ се' додека големите ловишта не останаа без риба.

Исланѓаните имаа таква работна етика што државата, за време на контактите со ЕУ, стана главен мотор за отворање нови компании и финансиската индустрија, проследена со честите пофалби на меѓународната заедница што траеја до пред две години, кога уривањето на нивниот банкарски систем за малку не го уништи еврото и не ја натера Британија на запленување на исландските имоти со помош на антитерористичките прописи.

Да беше Исланд глушец ќе можевме да речеме дека неколкупати ја затресе планината.

Исландскиот народ со векови опстојувал на работ на гладувањето, катастрофите и сервилноста, успевајќи да го зачува својот древен јазик за време на колонизации од Данците и од Норвежаните. Повремено размислувал за напуштање на островот, на пример, за време на последниве климатски промени, кога оганот и мразот навидум се здружија за да го спречат животот на запоставениот север на работ на Европа. Но, фактот дека станува збор за држава на работ не е безначаен.

Татко ми во 1940 година учествуваше во незаконската британска воена окупација на оваа земја. Тоа беше инвазија за обезбедување на северноатлантските морски патишта. Главниот исландски меѓународен аеродром до неодамна беше и база на НАТО, што беше дел од системот за заштита од потенцијален советски напад, преку арктичкиот круг за време на студената војна. Иронијата е во тоа што студената војна почна да олабавува откако Роналд Реган и Михаил Горбачов се сретнаа во Рејкјавик.

Исланѓаните можат да се пофалат со најстар парламент во светот, кој се' уште се нарекува Алтинг и се наоѓа во центарот на главниот град. Најголем дел од топлата вода во Исланд се спроведува низ систем од цевки, директно од топлите извори под земјата, а генијалните Исланѓани дури успеваат да прават вино, одгледувајќи грозје во стакленици, изградени над пукнатините во земјата под кои врие вжештената магма. Но, имало ситуации, во одминатите и поопасни времиња, кога поради странска окупација парламентот морал да заседава на полјана опколена со карпи, покрај замрзнатото езеро во внатрешноста на земјата. Го посетив тоа место со еден политички ветеран и левичар, Јонас Арнасон, за време на последниот судир меѓу исландската и британската морнарица; освен судирот меѓу Грција и Турција околу Кипар, тоа беше единствен случај кога две земји-членки на НАТО војувале меѓу себе. Добив впечаток дека нему повеќе му се допаѓаше таа исконска пустош и непристапна околина од удобниот симулакрум во престолнината на крајниот дел од земјата, каде што условите за живот се поподносливи. Велат дека Исланѓаните, ако ги одведете од Исланд, можат да умрат поради носталгијата за својата земја. Можеби и затоа толку ретко ги среќаваме.

Нешто подоцна, додека белата ноќ се прелеваше во утрото, ја здогледав поларната светлина, аурора бореалис. Сфатив зошто овие огромни сенки се толку важни во нордиската митологија – изгледаат како завеси што треперат на непрегледната замрзната сцена. Можеби набрзо сите ќе се најдеме пред таа завеса, многу порано отколку што планиравме, па ќе ја гледаме како се спушта над нашиот удобен и прекрасен живот.


#
Статијата е прочитана 1853 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
стил 482
„Бумеранг“ по своја глава
Владата милува да се задолжува кај Светска банка
Зденко
Избирачкиот список стана државна тајна
Груевски не рече не за „Северна МакедониЈа“
Специјална програма на Би-Би-Си за годишнината од смртта на Тито
ВМРО-ДПМНЕ ја смирува топката по референдумската бура
Жените што претендираат на „кафезот“ во Даунинг стрит
Сигнали на нервоза
Груевски ја чека дозволата од Грција
Домашна ТВ-серија е како домашна храна
Македонија е Шутка - тепајте!
Големиот тлеечки оган од срцето на Земјата
Ерван Фуере распали по Владата
Десницата во Унгарија доби двотретинско мнозинство