Вулкани
Големиот тлеечки оган од срцето на Земјата
Вулканот е геолошки облик (најчесто планина, но има и подморски вулкани), каде што магмата излегува на површината на земјата. Вулканите значително влијаат врз формирањето на релјефот на Земјата. На земјата најчесто се сретнуваат на рабовите на литосферните плочи. Вулканот може да биде активен или неактивен, зависно од неговите ерупции и тектонската активност во негова близина. Најистакнат дел од вулканот е вулканската купола, која постојано се зголемува. На врвот на куполата се наоѓа кратер, а врската меѓу кратерот и вулканското огниште ја прави вулканскиот канал.
Навлегувањето на магмата може да се случи од повеќе причини, како што се тектонски влијанија и промена на длабинскиот притисок, кои ја туркаат, високата температура (од 600 до 1.200 Целзиусови степени), која ја зголемува подвижноста на магмата, па ги разорува карпите или поради гасови и пареа, што го зголемуваат искачувањето на магмата. Магмата на површината на земјата се нарекува лава.
Магмата може да избива на површината на два начина: со излевање, кога избива полека и еднолично поради што настануваат базалтни покриви, како, на пример, полуостровот Декан во САД, Камчатка, Исланд... Со ерупцијата, магмата излегува експлозивно, а настанува поради големото количество собрани гасови и водена пареа. Проследени се со потреси, а се забележани и случаи на катастрофални последици за околината: Сент Хеленс во 1980 година, Кракатау- 1883 г. и Монт Пеле - 1902 година.
Вулканите можат да се класифицираат според нивните својства. Постојат стратовулкани - вулкани со слоевити структури, кои настануваат со изменување на изливи на лава и пепел, вулкани со облик на штит, кои таков облик добиваат поради избивањето на лавата ( Хаваи, Исланд, Мануа Лоа). Супервулканите се големи вулкани, кои имаат голема разорна моќ и влијание на околината, како, на пример Јелоустон Калдера.
Вулканите постојат и под морето, кои не ретко создаваат нови острови. Постоењето на Хаваите е резултат на вулканска активност.
Активните вулкани на земјата имаат свои вулкански зони. Најактивната вулканска зона е онаа што го опкружува Тихиот Океан, наречена Пацифички огнен круг. По неа е онаа по должината на Средишниот атлантски ’рбет. Попречно на овие две зони се простира средоземната зона, од американската до евроазиската бездна (пукнатина), а таму е забележана голема вулканска активност со многу помали вулкани, но и некои малку поголеми, како што е Килиманџаро.
Во близина на вулканите, подрачјето е многу богато со руди и термални извори, а почвата е многу плодна. Но, дека животот близу вулканите е многу ��пасен, сведочи примерот на островот Кракатау - вулкански остров, кој експлодирал по 200 години мирување, во 1883 година. Таа експлозија разнела поголем дел на островот, но ги зголемила двата соседни острова. Се претпоставува дека тоа бил најсилниот звук забележан во историјата што се слушнал во круг од 5.000 километри. Последиците од таа експлозија биле огромни штети и плима со бран од 36 метри, кој одзел 36.000 животи. Во однос на овој случај, актуелната ерупција на вулканот Ејафјалајокул на Исланд, кој ја изнервира цела Европа и уште половина свет, може да се третира како „шегаџиско вознемирување“.
Нешто слично се случило и со вулканот Монт Пеле, кој го уништил градот Сент Пјер, кога од кратерот избил вжарен облак со водена пареа, сулфурна киселина и други материјали и се срушил врз градот и околината. Целосно ги уништил зградите и полињата, а загинале 26.000 луѓе.
Така и планината Сент Хеленс во сојузната држава Вашингтон еруптирала во 1980 година, го разнела врвот на вулканот, а во околината летале карпи со величина на автобус. Се претпоставува дека ерупцијата имала сила од 500 атомски бомби, зашто сите стебла на подрачје од 600 квадратни километри биле срамнети со земја.
Интересно е да се спомене и Мауну Кеу, вулканската планина на Хаваите, која мерена од дното на Тихиот Океан, е висока 10.203 метри, што е за околу 2,5 км повисоко од Монт Еверест. (Ј.П.) |