Фетел по стапките на Шумахер

Победникот во Монца е првиот Германец со гран-при триумф по повлекувањето на Шуми во 2006
Себастијан Фетел во неделата им даде одговор на сите оние што се прашуваа дали германските фанови на Формула 1 воопшто некогаш ќе најдат место за некого во своите срца по Михаел Шумахер. „Бејби Шуми“, како што медиумите во Германија го нарекоа 21-годишниот возач на Торо росо, ја освои Големата награда на Италија и стана најмлад победник во Ф1-историјата и прв Германец што триумфирал во гран-при трка по повлекувањето на Шумахер во 2006 година. „Да се споредува кој и да е со Михаел мислам дека е по малку смешно“, вели Фетел. „Јас сум многу млад и во многу рана фаза од мојата кариера, па затоа сметам дека нема потреба од правење споредба“.
Нему ќе му требаат уште 90 победи за да го израмни рекордот на сонародникот, но тој е на вистинскиот пат, бидејќи има возено картинг на патеката во родното место на Шумахер, Керпен, а ја дели и неговата страст за фудбалот. Седумкратниот светски шампион, гледајќи од боксот на Ферари, не штеди комплименти за момчето што не го испушти првото место во Монца по влегувањето на безбедносното возило на влажната и лизгава патека.
„Тоа што тој го направи денеска беше апсолутно првокласно. Да не се направи ниту една грешка во вакви услови и да се доминира во трката уште од стартот, згора на тоа со болид што не е најбрз...“, коментираше тој за телевизијата Премиере. „Ги стискав палците за неговиот болид да издржи докрај и тој прв да влезе низ целта. Го знам него уште од мал, кога заедно игравме фудбал и затоа сме блиски. Тој има потенцијал да стане светски првак, но тоа е долг и нерамен пат“, додаде Шумахер.
„Не сакам да споредувам, но тоа што го знам е дека ова момче ќе освои многу трки и шампионати“, им изјави тој на известувачите од Монца.
Пред трката, кога сите знаеја дека во неговиот болид има малку гориво, малкумина типуваа на него како фаворит. Тој го имаше „мекларенот“ на Финецот Хеики Ковалаинен покрај себе и „ферарито“ на претендентот за титулата Фелипе Маса од Бразил два реда зад него.
„Кога влегов во болидот пред трката, сите ми велеа: ’О.К., сега уништи ги или притискај како луд‘. Сите се шегуваа, беа среќни и во исчекување“, се присетува Фетел. „Кога поминав под коцкестото знаме, сфатив дека само што сум победил. Беше неверојатно да се видат сите тие луѓе што лудуваа околу патеката. Тоа беше најдобрио�� круг што некогаш сум го извозел на Монца - не најбрзиот, но најдобриот“.
Солзите потекоа кога се искачи на подиумот првпат во кариерата, слушајќи ја германската химна, а по неа и италијанската за некој друг тим освен Ферари.
„Мислам со сигурност дека ова е најдобриот ден во мојот живот“, изјави тој. „Овие слики, овие емоции, никогаш нема да ги заборавам. Не ми се верува“. |