Турција предалеку за одбојкарите
Македонија пропушти две меч-топки и загуби од Чешка (2:3) и во реваншот од баражот за ЕП
Роберт Димитриевски
Македонија пропушти идеална можност да ја забележи највредната победа во својата одбојкарска историја, иако без значење за епилогот на бараж-двомечот со Чешка, која славеше и во Скопје со 3:2 и се пласира на Европското првенство што в година ќе се одржи во Турција. Македонските одбојкари два пати водеа во сетови, имаа и две меч-топки при водство од 14:12 во петтиот сет, но и тоа не им беше доволно да го кутнат големиот противник, кој уште со израмнувањето на 1:1 во сетови ја завери турската виза. Јовица Симовски во решавачките моменти беше изблокиран, по што Чесите имаа серија обиди да го решат во своја полза дуелот пред полните трибини на салата „Борис Трајковски“ во Скопје, искористувајќи ја четвртата меч-топка за конечни 19:17 во решавачкиот сет.
Носени на крилјата на навивачите, домашните одбојкари фуриозно ја почнаа средбата, поведувајќи со 5:1, за во финишот на првиот сет со серија од 7:1 да слават со убедливи 25:17. Во вториот сет се играше рамноправно до 17:17, по што Чесите додадоа гас и го добија со 25:20 и тука заврши приказната во однос на патникот на ЕП. Тогаш чешкиот селектор Зденек Ханик ги внесе во игра репрезентативците што не му се во прв план, па, сепак, се играше поен за поен се' до крајот на третиот сет, кој успешно го заврши македонскиот капитен Хари Наковски за 25:23 и ново водство во сетови. Четвртиот сет помина во целосна доминација на гостите, кои славеа со уверливи 25:16, а Македонија може да жали за загубениот последен сет и поради водството од 7:4, како и поради недовршената серија од 3:0, со која се дојде на дофат до севкупната победа.
Покрај Чешка, преку баражот учество на ЕП во септември в година во Измир обезбедија и Словенија и Полска. Како победници на своите квалификациски групи таму се најдоа и Франција, Словачка, Естонија, Бугарија, Холандија и Грција, а со пласманот до шестото место на претходното ЕП директно ќе учествуваат и Шпанија, Русија, Србија, Финска, Германија и Италија.
Македонија - Чешка 2:3
По сетови: 25:17, 20:25, 25:23, 16:25, 17:19. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 6.000. Судии: Локатели и Бартолини од Италија.
Македонија: Деспотовски, Гинов, Ѓорѓиев, Ѓорѓевски, Јосифов, Карановиќ, Милев, Милков, Митев, Наковски, Симовски, Зафиров.
Чешка: Боула, Конечни, Криштоф, Ј. Новотни, М. Новотни, Платеник, Попелка, Рак, Станек, Тихачек, Вацлавик, Весели.
Бараж за ЕП 2009 во Турција
Македонија - Чешка 2:3 (25:17, 20:25, 25:23, 16:25, 17:19). Прв меч: 0:3 (15:25, 15:25, 13:25).
Португалија - Словенија 0:3 (21:25, 22:25, 22:25). Прв меч: 0:3 (18:25, 16:25, 22:25).
Полска - Белгија 2:3 (20:25, 25:22, 23:25, 25:20, 15:17). Прв меч: 3:2 (22:25, 25:22, 23:25, 25:18, 15:9). |