Македонија директно на СП 2009!
Македонските ватерполисти, благодарејќи на осмото место на Европското првенство во Малага, ќе играат директно на 13. Светски шампионат што ќе се одржи од 19 јули до 2 август 2009 година во Рим! ФИНА за ова со факс ја известила Пливачката федерација на Македонија, ни потврди генералниот секретар Стефан Пулејковски. Македонија ќе дебитира на ватерполо мундијалите, а своите противници во групата ќе ги дознае по ждрепката што треба да се одржи околу Нова година.
Во Рим ќе настапат 16 репрезентации, од кои девет од Европа и седум од другите континенти. Тие ќе бидат поделени во четири групи по четири селекции, од кои најдобрите две одат понатаму.
Покрај Македонија, врз основа на пласманот на ЕП директно учество на СП изборија и Германија и Романија. Меѓу учесниците од Европа се и домаќинот Италија, бранителот на титулата Хрватска, олимпискиот шампион Унгарија, европскиот првак Црна Гора, освојувачот на Светската лига, Србија, како и Шпанија. (Р.Д.) |