Одбојкарите по активен резултат во Брно
Репрезентацијата заминува на првиот натпревар со Чешка од историскиот бараж за ЕП во Турција
Роберт Димитриевски
Одбојкарската репрезентација на Македонија в недела заминува за Чешка на својот прв бараж за европско првенство. Првото одмерување на силите е во вторник од 18 ч. во Брно, а реваншот на 14 септември од 20,15 ч. во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, по што севкупно подобриот ќе се пласира на ЕП 2009 во Турција.
Иако фаворитската улога им ја препуштаат на Чесите, македонските одбојкари порачуваат дека не одат со бело знаме на гостувањето во салата со капацитет од 1.200 гледачи.
„Не' очекува историски натпревар со Чешка. На чекор сме до ЕП, но многу голем е тој чекор, бидејќи против себе имаме исклучително квалитетна екипа, со многу интернационалци. Четворица играат во Франција, тројца во Италија и по еден во Германија и во Полска, а само тројца во домашното првенство. Имаат шест нови играчи во однос на квалификациската група, од која на касета го гледавме мечот со Словачка (1:3). Сигурно се фаворити, но не би се нафатил на оваа работа ако не верувам во овие момчиња. Одиме на активен резултат во Брно“, вели селекторот Светислав Пеица. За својот најсериозен испит по преземањето на кормилото на црвено-жолтиот брод од Александар Тасевски, кој го одведе до баражот, Пеица ќе се потпре на Деспотовски, Митев, Симовски, Георгиев, Јосифов, Ѓорѓиевски, Зафиров, Гинов, Наковски, А. Милев и на Милков. За 12. место во екипата на позицијата примач ќе избира меѓу Карановиќ, В. Милев и Трајчевски.
„Во минатиот циклус покажавме борбеност, со која се надевам дека ќе излезем на крај со чешката надменост. Седуммина од нас играат во странство, а и Работнички Фершпед последниве неколку години со успех играше во еврокуповите, така што не сме ни ние без искуство“, смета новиот капитен Хари Наковски, кој лентата ја презеде по откажувањето од неа на Виктор Зафиров.
„Влогот е голем. Оваа генерација вреди да отиде на ЕП. Чешка не е кремот на европската одбојка, туку по квалитетот е во втората група и тука е нашата шанса“, изјави Зафиров, а Јовица Симовски додаде: „Ова не е невозможна мисија, но и да загубиме, сигурен сум дека со кренати глави ќе се вратиме“. |