Со Португалките за врвот на табелата
Победа во натпреварот со Португалија попладнево од 17 ч. во салата „Јане Сандански“ македонските кошаркарки би ги вратила на врвот на табелата во групата Б од Европското првенство во Б-дивизијата. Португалките пред два дена дома го декласираа Луксембург со 80:32 и со оптимизам доаѓаат во Скопје, но и избраничките на македонскиот селектор Видоја Секуловски имаат свои адути. Во тимот се враќа искусната Анета Јованоска, која се повреди во стартниот дуел со Естонија, а составот ќе биде посилен и за најдобриот македонски играч на неодамнешното јуниорско ЕП (Б) во Скопје, Ана Тантуровска. Тука е и дебитантката Ханка Муса.
„Високата победа над Луксембург и триумфот во Естонија покажуваат дека Португалија е во добра форма. Тие се компактен состав, кој игра заедно неколку циклуси. Сепак, нашата самодоверба е на високо ниво, неделава ги саниравме повредите, се засиливме и со Тантуровска, па со нетрпение го очекуваме мечот“, вели Секуловски. „Натпреварот нема да биде лесен, но се надевам на наша победа, која значително ќе ни ги зголеми шансите за едно од првите две места во групата“.
Паула Мушири, која по потекло е од Ангола, е најдобрата кошаркарка во португалскиот тим, која на трите досегашни меча постигнуваше во просек по 18,7 поени и по осум скока. (Р.Д.) |