Најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски прексиноќа во Скопје го оперира левото колено, што ќе го оддалечи од теренот 20-30 дена. Д-р Зоран Андоновски му направи артроскопија на дел од обвивката на коленото, интервенирајќи врз сегментот од коскениот дел што вршел притисок на мускулот.
"Оваа повреда ја влечев подолго време и решив сега конечно да ја санирам. Таа ми се одрази и врз резултатите сезонава, па се надевам дека по рехабилитацијата успешно ќе се вратам на тениските терени", ни изјави популарниот Пецко. Тој во февруари беше 242. на АТП-листата во сингл, а на најновата се наоѓа на 516. место. (Р.Д.)