ТВ-Фотелја
Фрустрација
Роберт Д. Крстевски
Тажно беше да си Македонец во понеделникот попладне. Од повеќе причини. Прва и најважна, кошаркарската репрезентација претрпе катастрофален пораз од Грција на стартот од Европското првенство во Полска, без притоа да покаже ниту ронка желба барем да се обиде да му врати на јужниот сосед на паркетот за сите порази на „зелената маса“. Тогаш кога беше најпотребно, кога целата нација очекуваше, ако ништо друго, да му се даде достоинствен отпор на светскиот вицешампион, избраниците на селекторот Јовица Арсиќ целосно потфрлија. Како и многу нивни колеги од другите екипни спортови, го изгубија мечот со голем емотивен набој уште пред да почне, подлегнувајќи на огромниот притисок.
Втора причина: Иако во извештаите на речиси сите македонски новинари од Познањ не се штедеа пофални зборови за навивачите, кои, за волја на вистината, ја добија битката на трибините против десет пати помалубројните грчки фанови, ретко кој се сети да одбележи два момента. Првиот е исвиркувањето на грчката химна, а вториот транспарентот со вулгарна содржина „Kick Hell-ASS!“
Кога на ова ќе се додадат бисерите на коментаторот на Сител, Игор Трпески, жалната слика добива уште посиви бои. Десет години по неговата срамна забелешка во стилот „видете ја оваа фаца, зарем овој човек ви личи на селектор“, која се однесуваше на тогашниот израелски кормилар во директниот дуел за втората фаза на ЕП во Франција, Трпески си дозволи да го повтори киксот со потсвесна расистичка конотација. Овојпат на удар му беше црномурниот грчки центар, Софоклис Скорцанитис, чија мајка е од Камерун, а за кого репортерот на Сител, без око да му трепне, констатира дека е „типична грчка фаца“!? И тоа му беше малку, па згора заклучи дека „триквадратното-четириквадратно“ (?) грчко знаме било смешно во споредба со македонското знаме со сонцето од Кутлеш што го развеаја нашите тифози.
Во натпреварот со лут соперник не само на теренот, кој цели две децении и' подметнува сопки на Македонија, прво во нејзиното етаблирање како самостојна држава, а потоа и на патот на евроатлантските интеграции, изливот на емоции кај Македонците е сосема разбирлив. Но, кога ќе се премине тенката црвена линија на пристојност и на добар вкус, исчезнуваат и симпатиите кај неутралните за жртвата, па колку удари претходно и да претрпела. Има илјада и еден соодветен начин како да се пренесе сопствената порака на отфрлање на уцените и на примитивното однесување на грчките политичари кон се' што е македонско, што лобистот за прием на Македонија во НАТО, Николас Барнс, го квалификува како злоупотреба на малолетник во меѓународните односи. Вака, за жал, излеговме еднакво фрустрирани како првите луѓе на грчката државна телевизија ЕРТ, кои за време на преносот на мечот со Македонија го бришеа делот од телопот со меѓународната кратенка МКД.
|