Магазин
Софија Лорен има заменичка во Анџелина Џоли
Златното време на Холивуд памети актерки за кои денешницата има достојна замена
Валентина Тодоровска
Пред убавината и боговите молчат е универзална константа, нешто како одговор на дипломатската „за вкусовите не вреди да се расправа“. Убавината, особено филмска, се разбира, поткрепена со талент создава филмски икони што се копираат во сите времиња.
Така низ векови, филмови и сценарија се одбирале според ликови што го имаат она нешто, мирудија што би го продала филмот. „Убавото и талентираното женско, во комплет со разни ефекти може да направи чудо на благајните“, своевремено изјавуваше прославениот Сидни Полак. Ова правило вреди и е на цена уште од самите почетоци на Холивуд. Затоа, денес, многумина со носталгија се сеќаваат на златното време кога на платното блескаа Софија Лорен, Одри Хепберн, Грејс Кели, Кери Грант, Клерк Гебел..., ликови според чиј урнек се создаваа копии. Така, до пред неколку години, Анџелина Џоли беше надежна актерка, а сега работи со полн капацитет. За многумина таа е доследна наследничка на големата Софија Лорен.
Софија Лорен - Анџелина Џоли - Фрида Пинто
„Жената не може да стане секс-симбол, таа мора да се роди таква. Кога ќе се родиш со сексапил, го имаш и кога ќе наполниш сто години“. По овој цитат на Софија Лорен, што да се додаде за неа? Можеби дека е најсекси актерка на сите времиња? Патем, ретко која жена може да си дозволи да се најде на листата на најсекси жени и по седумдесеттата година од животот.
На Софија своевремено фрлил око Клерк Гебл, а својот интерес го искажал вака: „Таа ве наведува да ви се мотаат низ глава сите недозволени мисли“. Иако на Лорен не и' било проблем да се соблече на филм, по извесен период и' здодеа епитетот секс-симбол и посака да глуми посериозни улоги.
Својот голем успех Софија го оствари во улогата во филмот „Дива жена“, за која доби „Оскар“ и им докажа на скептиците дека знае да глуми, а со тоа и дека убавината не е се' што поседува. Интересно е што филмските агенти во почетокот на кариерата и' давале карактеристики од типот - прешироки колкови, долг нос и преголема уста. Среќа што продуцентите не го гледале тоа како опасност.
Многу жени досега ја добиваа титулата наследнички на големата Софија Лорен - Моника Белучи, Скарлет Јохансон, а поради облините дури и Памела Андерсон беше во групата споредувани со оваа харизматична Италијанка. Но, според силината на сензибилитетот, со сигурност може да се каже дека Софија денес е заменета со Анџелина Џоли.
��ногу холивудски ѕвезди на сите возможни и невозможни начини се трудат да постигнат успех и да останат на површината, додека Џоли владее на холивудскиот престол веќе цела деценија. Надарена со натприродна убавина и завиден талент, го привлекува вниманието на јавноста и ги полни насловните страници на весниците. А откако е со Бред Пит - нештата се дуплираа. Анџелина, тетовираната дива мачка, која постојано ја проширува својата колекција на сликички по телото, секс-симбол кој не се срами да покаже дека е пожртвувана мајка која наоѓа инспирација во хуманитарната работа, неоспорно е дива на модерниот Холивуд.
Фрида Пинто е убава Индијка која се прослави со улогата на Латика во филмот „Милионер од предградието“, кога бескомпромисно ја освои публиката. За неа убавото време допрва доаѓа, а токму поради убавиот изглед, тргнаа споредбите со Анџелина Џоли.
Одри Хепберн - Натали Портман - Ема Вотсон
Во своето време била неприкосновена миленичка на Холивуд, а освојувала со својата легендарна убавина во која успешно ги споила шармот и достоинствената женственост на девојка од соседството. За себе, во една прилика, Одри изјавила: „Знам дека имам повеќе сексапил на врвот на носот отколку многу жени по целото тело. Можеби не се гледа од километри, но е присутен. Можам да го изразам и наполно облечена, берејќи јаболка или стоејќи на дожд“.
Но, немојте да мислите дека оваа класична убавица играла само на картата на својот изглед. Во својата кариера Одри ги освои сите можни награди. Гледачите најчесто ја паметат по филмот „Појадок кај Тифани“, а интересно е што авторот на романот, Труман Капот, сакал насловната улога да ја добие Мерилин Монро. Одри беше единствена во многу нешта, па и во советите што ги даваше - за совршен изглед. „За убави усни - секогаш зборувајте љубезни зборови, за привлечни очи - гледајте ги добрите нешта кај луѓето, а за вита става - поделете ја храната со гладните“.
Кога со тринаесет години се појави во „Леон професионалец““, на сите им беше јасно дека Натали Портман ќе биде новата холивудска кукличка. Но, нејзиниот актерски талент се развиваше побрзо од облините, така што во раната младост имаше прилика да го нагласи. Слично како и Одри, својот сексапил Натали го носи достоинствено, не расфрлајќи се со атрибутите со кои сигурно фрлила на коленици многу обожаватели, играјќи на „шипка“ во филмот „Блиски врски“.
Сите критичари се согласуваат дека Ема Вотсон е неверојатно талентирана, умна и скромна и дека ја очекува блескава холивудска кариера. Таа се прослави со дебитантската улога на Хермиона во серијалот за „Хари Потер“. Нејзините фанови се' уште ја доживуваат како 11-годишна Хермиона, па дотолку изгледа опасно нејзината изјава дека би глумела и гола доколку филмот го бара тоа од неа. Ема успеа да заработи над десет милиони фунти со што стана најбогата малолетна Англичанка.
Грејс Кели - Чарлиз Терон - Аманда Сејфрид
Многумина ја прогласија за најубава русокоса на своето време (да, поубава и од Мерлин Монро), а таа со својата глума докажа дека е најдобро холивудско остварување. Тогашните трач-рубрики пишувале дека Грејс Кели го освоила срцето на најголемиот заводник на Холивуд во тоа време - Клерк Гебл. Наводно, се заљубиле на сетот на дотогаш најголемиот филмски проект „Могамба“ на Џон Форд. Иако љубовта со Гебл останала само во наводници, улогата во филмот и' донела номинација за „Оскар“. Нејзиниот талент блеснал во улогата во Хичкоковиот „Повикај М поради убиство“, а сиот свој актерски потенцијал го покажала во филмот „Девојка од село“, освојувајќи „Оскар“ за главна улога.
„Никој не може да изгледа како Грејс Кели, таа беше најубава русокоса во своето време. Сигурен сум дека да беше жива, и денес ќе беше неодолива.Тој вид совршеност мора да старее прекрасно“, коментираше пред неколку години Карл Лагерфелд.
Прекрасната Јужноафриканка Чарлиз Терон ја започна кариерата како моделка, продолжи како балерина, а моментално е една од најголемите холивудски ѕвезди. Стилистите и филмските критичари нејзината женственост често ја споредуваат со харизмата на актерката од класичен Холивуд. Чарлиз еднакво добро се снаоѓа и во улогата на фатална жена на која не и' е проблем да соблече се' од себе, но еднакво е уверлива и во драмите како што е „Домашни правила“.
За улогата на масовен убиец во филмот „Чудовиште“, за која доби и „Оскар“, го отфрли во целост својот сексапил, здебелувајќи се 30 килограми и огрдувајќи си го лицето. Дури и ако не сте ја сакале АББА, кога во филмот „Мама миа“ Аманда Сејфрид ќе запее и заигра на некој од нивните хитови, тешко ќе и' одолеете. Нејзината кариера почна несвесно да се развива кога со Линдзи Лохан и Рејчел Мекадамс настапи во филмот „Опасни девојки“, со што се' повеќе ја споредуваат со Чарлиз Терон.
|