Гел од алое вера против стрии
Пред да го нанесете гелот протријте го меѓу дланките за да се загрее, па со кружни движења нанесете го на кожата
Стриите се нормална појава на кожата и претставуваат исклучително естетски проблем кај повеќето жени. Тие најчесто настануваат поради нагли промени на телесната тежина, на колковите, задникот, стомакот и на градите. Тоа се деловите каде што кожата пука поради недостаток на еластичност. Не е можно нивно целосно елиминирање, но постои начин да се спречи натамошното појавување или да се ублажи појавата доколку веќе ги има.
Ласерска терапија
Најдобри резултати со ласерска терапија се постигнува кај млади стрии, во фаза на појавување. Комбинацијата со ултразвучен пилинг, микроструја, биостимулативен ласер, вакуум и навлегување во длабоките слоеви на кожата, со специјални препарати со помош на ултразвук се зголемува репродукцијата на колаген и се добива еластичност на кожата. По серија од 10 до 15 третмани се подобруваат структурата, цврстината и еластичноста на кожата, а резултатот е помалку видливи стрии, речиси изедначени со бојата на кожата.
Магичната алое вера
Препаратите кои можат да помогнат во борбата против стриите содржат колаген, еластин и антиоксиданси. Се препорачува и редовна употреба на масло што содржи витамин Е, како и гел со екстракт на алое. Овие состојки ја хидрираат, хранат и ја обновуваат кожата, правејќи ја еластична. Пред да нанесете од препаратот, протријте го добро меѓу дланките за да се загрее, па со кружни движења нанесете го на кожата и благо масирајте.
Штипење на кожата
Штипењето на колковите и на стомакот по нанесувањето на препаратот е докажан најефектен метод за јакнење на кожата и за отстранување на стриите. Кожата фатете ја со палецот и показалецот, повлечете ја нагоре и пуштете ја. Исто така, ефикасна е масажата со благи движења на четка или со ракавица од фротир по туширање. |