Магазин
Богата и колоритна музичка есен
Најави за нови албуми и промотивни турнеи кои следуваат во светската музичка индустрија
Александар Митевски
Што се однесува до датумите кои се блиски до овој момент, може да објавиме дека пред неколку дена се одржа промоцијата на долгоочекуваниот нов албум на црномурниот рапер Џеј Зи - The Blueprint 3 на кој тој е особено горд. Овој негов 11. студиски албум ќе биде фактички и крајниот дел од трилогијата Blueprint. Тој во мај оваа година, спроти подготвувањето на новиот материјал, го откупи преостанатиот период од договорот што го имаше со „Деф Џем рекордс“ со цел да биде слободен и да потпише договор со гигантот Live Nation што сите го сметаа за остроумен потег на овој мултиталентиран артист и продуцент. Неговиот сингл, кој фактички го најавува овој албум заедно со Ријана и Кани Вест е вистински погодок, исто така, па можеме слободно да кажеме дека Џеј Зи знае вистински како да ја води својата кариера и да влече паметни потези. Во најава е и новиот албум на одличната вокалистка и девојка со специфична музика – Нели Фуртадо и нејзиниот албум Mi Plan. На 15 септември се очекува оваа половина Португалка, половина Канаѓанка да го издаде својот четврти студиски албум кој нејзините фанови со душа го чекаат. Таа долго време криеше од јавноста што подготвува и скржаво објавуваше само дека е во план да се подготвуваат два албума (еден на шпански, друг на португалски), но еве, конечно, приказната финишираше со издавање на албумот Mi Plan и носечкиот сингл Manos al Aire. Останува да видиме како ќе помине овој храбар потег на Фуртадо да отиде контра на англиското говорно подрачје со својата замисла.
Со нов материјал ќе го видиме и динамичниот британски рапер Дизи Раскал, кој одлично поминува со хитовите како Dance Wiv Me, Bonkers и Holiday, кои секако дека ќе бидат дел од албумот Tongue N' Cheek. Една работа што Дизи ја откри во врска со својот нов материјал е дека на оваа плоча тој се решил да ги напушти своите препознатливи музички корени и да одбегне од грајмот со цел малку повеќе да се позиционира кон мејнстрим поп-музиката, што треба да оставиме на времето да каже дали тоа бил негов исправен потег. 21 септември е датумот и кога контроверзниот Мика треба да го издаде својот нов албум The Boy Who Knew Too Much. Одамна тој најавуваше дека е во корелација со својот продуцент Грег Велс со кого го работеше и одличниот деби албум Life in Cartoon Motion. Веќе од јуни минатата година овој креативен двоец се затвори во скапоценото „Олимпик студио“ во Лондон, за потоа да се преселат во Лос Анџелес каде што и се доснима материјалот. Мика вели дека е горд на овој свој нов материјал и, всушност, претставува логичко продолжение на неговиот албум-претходник.
Кон крајот на септември се очекува повторното фокусирање на јавноста кон одличниот, но заборавен американски рок-бенд Елис ин Чеинс, кои ќе го промовира својот нов студиски проект Black Gives Way to Blue. Овој четврти албум се појавува по огромна пауза од дури 14 години на овој квалитетен рок-бенд. Фановите сакаат да го видат новиот вокалист на бендот Вилијам Дувал, кој дојде на местото на фронтмен Лејн Стејли, кој почина од преголема доза дрога во 2002 година, а овој албум, всушност, носи посвета за него – факт што ќе предизвика уште поголеми турканици пред музичките продавници.
На 29 септември уште два нови албума ќе ја видат светлината на денот. Станува збор за новиот материјал на одличната аренби-дива Мараја Кери, која издава албум под насловот Memoirs of an Imperfect Angel. Би рекле – конечно, затоа што овој албум го следат повеќе пехови и одложувања, но, сепак, на крајот Мараја вели дека создала одличен албум заедно со наградуваното и афирмирано креативно продукциско дуо The-Dream и Кристофер Трики Стјуард. Голема поддршка во текот на снимањата за Мараја беше и другата црномурна екипа на чело со Џермејн Дупри и хипхоп-продуцентот Тимбаленд, со кои снимаше песни кои поради одредени причини не се најдоа на овој материјал, а интересно е што на албумот Мараја направи и своја кавер-верзија на големиот хит на Форинер - I Want to Know What Love Is.
Дали е коинциденција или нешто повеќе, на истиот ден токму старите добри „Форинер“ го издаваат новиот албум Can't Slow Down како дел од нивниот камбек на сцената. Ова е нивно прво издание откако групата ја напушти вокалистот Луи Грем и гласот со кој бендот успеа да продаде над 50 милиони плочи низ светот. Сега, на местото на Грем доаѓа младиот Кели Хенсен за кого се слушаат позитивни коментари. Албумот е продуциран од страна на Марти Фредериксен и Марк Ронсон и „Форинер“ го најавија во текот на нивниот настап во Москон центар во Сан Франциско на 2 септември.
Во почетокот на октомври светот го очекува новото издание на темпераментната Шакира. She Wolf е нејзиниот трет студиски албум под етикета на „Епик“. Таа е особено горда затоа што успеа за албумот да ги ангажира по нејзина желба композиторот и продуцент Ред Уан и хип-хоп екипата на чело со Фарел, Џон Хил и Вајклиф Жан, кои беа дел од нејзиниот светски успех со нумерата Hips Don't Lie. Ќе биде интересно да се види какви ќе бидат првичните коментари на светот затоа што овој албум е со голем ракурс кон електро поп-музиката, земајќи предвид дека Шакира своите корени ги влече од колумбиската латино поп-музика.
Во игра повторно се враќа и „Бекстрит бојс“ со промоција на седмиот студиски албум This Is Us, кој треба да ги претстави во вистинска светлина со комплетна доза искреност со која и го работеа овој албум. Тие собраа зад себе ѕвездена екипа, составена од Макс Мартин, Лејди Гага, Уан Рипаблик, Ред Уан, Нијо, Питбул, Ејкон, Типејн и многу други. Во почетокот на септември, тие го испромовираа своето носечко видео за песната Straight Through My Heart.
Есента ќе биде период кога ќе се реактивираат и повеќе бендови, меѓу кои и легендарниот „Пластик Оно бенд“ на вдовицата на Ленон, Јоко Оно. Овој концептуален и артистички бенд формиран од страна на Џон Ленон и Јоко Оно во 1969 година му кумуваше на растурањето на „Битлси“ и во него периодично беа вклучени луѓе од типот на Ерик Клептон, Џорџ Харисон, Ринго Стар, Клаус Вурман, тапанарот Алан Вајт, Кејт Мун, Били Престон и многу други. Сега вдовицата Оно не мирува и заедно со синот Шон Ленон и цела музичка дружина се реактивира за музиката како кауза и ќе го крстосуваат светот. Уште едно интересно реактивирање ќе се случи и со составот „Мистер биг“, кој се растури во 2002 година. Тие нема да снимаат нов материјал, туку само ќе организираат турнеја со старите песни и секако онаа која влезе меѓу легендарните Билбордови хитови на сите времиња – To be with you.
|