ХЈУ ХЕФНЕР
Сопственикот на „Плејбој“ се разведува
Основачот на „Плејбој“, Хју Хефнер, поднел барање за развод од својата отуѓена жена Кимберли Конрад, за која многумина заборавиле дека постои. Хефнер (83) го поднел ова барање минатата недела. Двојката се венчала во јули 1989 година, а живееле одвоено од јануари 1998 година.
Хефнер и Конрад (47) имаат два сина. Откако се раздвоиле, мајката со децата живеела во куќата покрај зданието на „Плејбој“ во Лос Анџелес, во која живее Хефнер во друштво на неколку девојки и ѕвезди, а беше и домаќин на реалното шоу „Девојките од соседството“.
„Среќен сум што не живеам во брачен живот. Останав во брак само поради децата, по барање на Кимберли. Среќен сум што ова е зад мене“, изјавил Хефнер.
Неговата одлука да поднесе барање за развод е донесена откако Конрад поднела тужба против основачот на „Плејбој“, тешка пет милиони долари, поради продажбата на заедничката куќа. Хефнер тогаш изјавил дека ништо не и' должи на Конрад. Тој предложил висината на алиментацијата да биде 20.000 долари месечно, наведувајќи дека на својата жена веќе и' дал околу 12 милиони долари, откако пред 11 години почнале да живеат одвоено.
Имотот на Хефнер се проценува на повеќе од 43 милиони долари, не сметајќи ги акциите и недвижен имот на „Плејбој“. Сопственикот на познатиот магазин троши околу 43.000 долари месечно на храна и забави. |