Сара Џесика Паркер и Ким Картрал
Панк и ретропринцези во новиот „Секс и град“
Заводничката, која секогаш е опкружена со убави и млади мажи во серијата и филмот „Сексот и градот“, Саманта Џонс, чиј лик го толкува Ким Катрал, во новото продолжение на филмот ќе се трансформира во панк-принцеза.
Панк-имиџот на Саманта Џонс е дел од флешбек-сцените, на кои четирите девојки се присетуваат како живееле кога стигнале во Њујорк. За потребите на таа сцена, Ким се врати на стилот од 1980-тите години, во не баш префинето издание, кое тешко може да се поврзе со нејзиниот сегашен ектравагантен стил, кој го градеше во текот на серијата.
Младата Саманта обоена како русокоса има долга истапирана коса, а на себе носи црно-бело здолниште со змиски шари и тантела. Горниот дел е жолто- виолетов леопард и кратко тексас-елече украсено со метални копчиња. Половината и' е нагласена со тенок црн ремен за врзување, а околу колковите има уште еден ремен на кој е зацврстен вокмен, кој во тоа време морал да го носи секој што сакал да изгледа модерно. Сето тоа е зачинето со црвени лакирани чизми со шпиц.
Слични сцени на оживување на далечните години при доаѓањето во Њујорк има и Сара Џесика Паркер, која го глуми ликот на Кери Бредшоу. Кери во своите млади години е претставена во две ретрокомбинации. Едната е во спортска сива варијанта, а другата во стилот на Мадона од периодот на филмот „Очајнички барајќи ја Сузан“.
|