Хаг
Македонија и Грција ќе се соочат на 21. март
21.01.2011, 10:05
Македонија и Грција на 21 март ќе се соочат пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Тогаш е закажана усната расправа по тужбата на Македонија против Грција за кршење на билатералната Привремена спогодба со попречувањето на македонскиот прием во НАТО на Самитот во Букурешт.
Со тоа процесот влегува во клучна фаза и се очекува пресудата да биде донесена најмногу за шест месеци или до крајот на годинава.
Како што пренесе ТВ Телма, датумот уште не е официјално потврден од Судот, но според грчки извори, усната расправа ќе трае две недели почнувајќи од 21 март, кога двете страни ќе ги елаборираат своите аргументи.
Професорот по меѓународно право Тони Дескоски, кој е ангажиран во правниот тим пред Судот во Хаг, вели дека тужбата не е поврзана со преговорите за спорот со името, но ако пресудата биде во полза на Македонија ќе значи голем политички капитал.
„Ние немаме спор со НАТО, туку имаме спор спор со Грција и предмет на расправа е однесувањето на Грција. Но, во политички аспект ваква одлука ќе има големо влијание за враќање на Грција на Привремената спогодба“, смета Дескоски.
|