Мислења
Груев „Волјата на револуционерна Македонија“
Ристо Дамјановски
140 години од раѓањето на Дамјан Груев, еден од апостолите на македонската националноослободителна и револуционерна борба
Во историјата на секој народ постојат личности што го симболизираат своето време, што претставуваат меѓник на цела една епоха. Тоа се луѓе достојни за почит и вечна слава од поколенијата. Таква личност е Дамјан Груев, еден од врвните апостоли и раководители на македонската националноослободителна и револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Не случајно тој е наречен „Волјата на револуционерна Македонија“. Таа волја е олицетворена во неговото учество при формирањето на МРО во Солун, на 23 октомври (стар стил) 1893 година. Таа волја е изразена во неговото претседателствување со Смилевскиот конгрес (2-7 мај) 1903 и со неговото раководно и командно учество во Илинденското востание. Таа волја се отсликува и по востанието преку силниот ангажман во заздравувањето на Организацијата, со учеството на Прилепскиот подвижен конгрес (1904) и со претседателствувањето на Рилскиот кон��рес (октомври 1905). И се' така до оној кобен декемвриски ден (23) од 1906 година, кога во нерамна борба со турска потера самиот си го докрајчува животот кај месноста Петлец с. Русиново, Беровско.
Меѓу раѓањето и смртта на Дамјан Груев минаа само 35 години, а придонесот е вековит за македонскиот народ. Загинува во време кога можеше најмногу да придонесе за исполнување на неговиот сон, да ја види Македонија слободна и да ги оствари желбите на повеќе генерации македонски борци за самостоен и пристоен живот. И не е случајно што големиот бугарски поет Иван Вазов во една песна ќе ја изрази својата огромна почит и жал за загубата на големиот македонски револуционер, споредувајќи го со бугарскиот национален великан Васил Левски: „О, Македонијо, ти го губиш својот Левски, својот најверен син, својот најсилен меч!“ Се прашуваме од каде потекнувал тој неизмерен вруток на волја и енергија во една личност, за во еден толку ограничен живот да оствари толку врвни постигања. Затоа Дамјан и Илинден се нештата што не' обединуваат, независно од противречностите што ги наметнува животот на социјален, материјален и духовен план. Нему, во вистинска смисла на зборот, Македонија му беше се'! Тој во својот приватен живот бил самотник, аскет и борец за идеали. Личните задоволства за него се нешто туѓо и неспоиво со револуционерната дејност. Тој со макотрпно чекорење низ многубројните животни крстопати ќе го искажува своето нераскинливо чувство и својата желба за оддолжување кон сопствениот народ. Во деновите на својот најголем револуционерен разгор ќе преземе подолга турнеја низ Македонија за да ги обеснажи врховистичките сили. Тој на своите соработници често им говорел: „Мене местото ми е овде кај народот... и ете, ќе го бранам до последниот мој здив и куршум. Треба да се одвикнеме од робувањето. Македонското име е славно и нашите дедовци се големи. Слободата ќе ја добиеме со борба „Слободата е голема работа, но бара големи жртви. Само со неа ќе го заштитиме македонскиот народ од робувањето, од асимилацијата и од исчезнувањето како народ“.
Роден е во револуционерното демирхисарско село Смилево на 19.1.1871 година, во семејство на ѕидари-печалбари. Се школува во Битола, Солун, Белград и во Софија. Идејата целосно да му се посвети на македонското ослободително дело доаѓа до израз за време на неговите студии во Софија кога со група студенти Македонци цврсто решиле по завршувањето на студиите сите да се вратат во Македонија, во која имало големи потреби од образовани луѓе. Така, Даме заминува за учител во своето Смилево. Потоа бил преместен во Битола, Прилеп, а од 1894/95 година бил учител во штипско Ново Село. Таму доаѓа до првата средба меѓу Дамјан Груев и Гоце Делчев и нивното заколнување пред традиционалните симболи - Библија, кама и пиштол. Тие во слога и соработка ќе станат идеален тандем што дејствува беспрекорно, се' до пролетта 1903 година. Дамјан и Гоце откриваат дека се слични души, со исти цели и во името на македонската револуционерна борба се побратимуваат. Дамјан со аналитичен ум, спокојство и такт, реалистичен и при најкомпликувани ситуации, Гоце смел во одлуките, буен во занесот и фантазијата, со богатство идеи, стануваат двигатели на Организацијата.
Во учебната 1895/1896 година Дамјан Груев станал егзархиски училиштен инспектор во Солунско. Тоа му овозможило да дејствува слободно и во интерес на организацијата. Меѓутоа, Дамјан набргу бил накодошен дека бил организатор на ученичките бунтови во повеќе градови во Македонија и човек што се занимавал со бунтовничка дејност, поради што добива отказ од службата. Заминал кај егзархот Јосиф во Цариград за лично да се пожали на неправилно донесената одлука. Есента 1898 година бил интерниран во Битола и се вработил во битолската класична гимназија. Во август 1900 година, во таканаречената Поп-Ставрева афера, Дамјан бил осуден на 10 години затвор. Одлежал само две години во Битола, а една во Подрум Кале во Мала Азија. Иако се наоѓал во затвор, Дамјан не престанал да се занимава со револуционерна активност.
По амнестијата во април 1903, се враќа во Солун. Тогаш ја сознава и веста за решението на Солунскиот конгрес за востание во Македонија. Во Солун Дамјан се сретнал со Иван Гарванов, со Гоце Делчев и со други, но ништо не можел да измени. Само успеал да го организира и одржи Смилевскиот конгрес, кога дефинитивно е решено востанието во Битолскиот револуционерен округ да се крене на верскиот празник Илинден. На конгресот бил избран востанички Главен штаб на чело со Дамјан Груев и во такво својство учес��вувал во подготовките и во востанието.
По задушувањето на востанието Дамјан прави обиколки низ цела Македонија, со цел да ја враќа вербата во силата на Организацијата. Во тие години имал повеќе средби со дипломати и новинари и давал повеќе интервјуа за странскиот печат. По Рилскиот конгрес на пат кон Смилево, во Ќустендил ја посетил мајката на легендарниот охридски војвода Христо Узунов. На разделбата Дамјан се обратил на мајката на Узунов со зборовите: „и јас ќе бидам среќен, мајко, ако загинам за Македонија“. На 22 декември 1906 година, кај месноста Петлец, во борба со турскиот аксер, откога му загинува придружбата, Дамјан си го одзел животот за да не падне жив во рацете на Османлиите. Селаните мртвото тело на Дамјан и го погребале во дворот на црквата во Русиново. Подоцна, неговите посмртни останки беа пренесени во родното Смилево.
Подвизите на Дамјан Груев и неговата улога во Организацијата не останале незабележани од народниот гениј, кој испеал песни за овој славен војвода, а забележани се и повеќе приказни, кажувања, легенди и преданија за неговиот лик и револуционерно дејствување, неговата истрајба до крај да му остане верен на делото за кое живееше, работеше и се бореше. Така Дамјан со својата национална идеја и борба има трајно трансисториско значење кое сјае со силно и продолжено дејство.
(Авторот е професор, доктор по историски науки, генерал во пензија) |