Со над 10 милиони денари лани, индиректно се поддржало земјоделството
Вкупно 10,075 милиони денари се потрошени минатата година од т.н. општи мерки за индиректна поддршка на земјоделството. Со нив се реализирани 43 проекти, чии активности беа фокусирани на поттикнување иновации, научни истражувања, здружување на производители и организирање различни агроманифестации.
Од вчера овие проекти се јавно достапни и секој што сака може да знае на кој начин и за што конкретно се искористени државните пари.
„Почнувајќи од лани, трошењето на средствата за општите мерки е многу потранспарентно, со јавен повик на кој јасно се дефинирани областите за кои потенцијалните апликанти може да се јават. Таа практика продолжува и годинава“, рече заменик-министерот за земјоделство Перица Иваноски.
Научно-истражувачка работа, воспоставување показно-демонстративни органски села, здружување на земјоделците во поголеми организации, организирање национални манифестации и учество на производители на саеми во странство се петте области за кои државата минатата година обезбедила пари. Тие важат и оваа година.
На огласот лани имало 150 апликации, а годинава, според Иваноски, се поднесени повеќе од 200, но се' уште трае евалуацијата, па не се знае колку проекти ќе бидат одобрени.
Покрај директните плаќања, Владата секоја година имплементира и општи мерки преку кои индиректно се создаваат услови за развој на земјоделството. (МИА) |