Владата ќе се задолжи со 56 милиони евра за денационализација
Владата ќе се задолжи со дополнителни 56 милиони евра за издавање обврзници за денационализација. Во предлог-законот поднесен до Собранието, што вчера го помина првото читање во Комисијата за финансирање и буџет, се бара измена на Законот за издавање обврзници за денационализација, односно зголемување на бројот на емисиите од осум на десет. „Со двете дополнителни емисии се предвидува емитување две нови емисии на обврзници за денационализација во 2010 и во 2011 година. Вредноста на деветтата емисија, што ќе се издаде наредната година е 30,6 милиони евра, а десеттата што ќе се издаде во 2011 година е 25,8 милиони евра“, истакна заменик-министерот за финансии Недим Рамизи.
Според Рамизи, се работи со забрзана динамика на завршување на овој процес, кој тој очекува да се заокружи наредната година, а се смета дека двете емисии на обврзници ќе бидат доволни за негово завршување. Владата бара измени во Законот, бидејќи предвидените средства за осумте емисии на обврзници што почнаа од 2002 година се потрошиле за правосилните решенија што биле донесени заклучно со крајот на минатата година.
Во согласност со податоците од 15 ноември во првостепените комисии се работат 468 предмети, а во второстепената постапка се над 900 предмети за денационализација. „Досега се емитувани осум емисии на обврзници за денационализација во вкупен износ од 252 милиона евра, од кои на имателите на обврзници им се исплатени 17,1 милиони евра“, додаде Рамизи. (А.С.) |