За три години треба да никнат 23 мали хидроцентрали
Вкупната инвестиција се проценува на 25 милиони евра
Маја Томиќ
До средината на 2012 година во земјава треба да се изградат нови 23 мали хидроцентрали. Откако во јули годинава со австриската компанија „Енерџи зотер бау“ беше потпишан договор за 16 мали ХЕЦ, во вредност од 15 милиони евра, вчера министерот за економија, Фатмир Бесими, склучи договор за градење на уште седум мали централи на вода, инвестиција што се проценува на десет милиони евра. И двата договора се за период од три години, односно до 2012 година треба да се реализираат договорените инвестиции.
Вчерашниот договор е за концесија за вода за производство на струја за компанијата „Мали хидроелектрани“ од Скопје. Седумте локации се за: Кркљанска Река, Крива Река, Каменичка Река, река Брбушница, Кранска Река, Брајчинска Река и Селечка Река. Инаку, компанијата е формирана од друштвата „Турбоинститут“ од Љубљана, „Феро инвест“ од Велес, „Гранит“ и „Топлификација“ од Скопје. Таа досега доби 14 локации на меѓународниот тендер за доделување концесија за вода, од вкупно 60 локации за мали ХЕЦ, објавен на 14 февруари 2007 година.
Рокот во кој компанијата треба да ги изгради и да ги стави во функција овие мали хидроелектрични централи е три години од доделувањето на концесијата.
„Доделувањето на договорите за концесија на овие седум локации го означуваат почетокот на градење на малите ХЕЦ, кои ќе го зголемат енергетскиот капацитет во земјава. Овие договори значат и нова меѓународна инвестиција во нашата држава, која предвидува вложување од десет милиони евра. Со тоа се отвора можност за нови работни места. Министерството за економија ќе продолжи со привлекувањето нови инвестиции, промовирајќи ја Македонија пред меѓународните компании како сигурна почва за инвестирање“, изјави Бесими.
Вкупниот инсталиран капацитет на седум локации изнесува 5,4 мегавати, а предвидено е годишно производство на струја од 23,1 гигават-часови.
Инаку, во фаза на подготовка е и четвртиот меѓународен тендер за изградба на 38 мали ХЕЦ, со вкупен инсталиран капацитет од 20 мегавати и за годишно производство од 87 гигават-часови.
Во периодот од 2006 до 2008 година беа објавени три меѓународни огласи за давање концесија за вода од мали хидроелектрани. Од Министерството за економија најавуваат дека и наредниот период, секои шест месеци, ќе се објавуваат јавни огласи за нови 30 локации, по моделот ДБОТ (дизајнирај, изгради, реализирај и трансферирај). Во согласност со програмата на Владата, во наредниот период предвидено е да се изградат околу 400 мали хидроелектрични централи, со поединечна електрична моќност до пет мегавати, или со вкупна моќност од околу 250 мегавати и очекувано годишно производство на струја од околу 1.200 гигават-часови. |