26.11.2009, 19:06 На Интернет сурфаат 52 процента од Македонците
Педесет и два процента од македонската популација над 15 години користи Интернет, покажуваат резултатите од студијата на групацијата ГФК.
Споредено со лани, Интернет-пенетрацијата во Македонија годинава бележи зголемување за два процента, што покажува стабилен раст во користењето на Интернет.
Студијата на ГФК годинава евидентирала пораст на користењето Интернет од страна на женската популација, но се' уште има разлика меѓу мажите и жените во поглед на употребата на овој медиум, односно мажите се негови побројни корисници.
Според старосната структура, евидентно е значително зголемување на бројот на Интернет-корисниците кај македонските граѓани на возраст од 25 до 34 години, исто како и на тие меѓу 35 и 44 години.
Групацијата ГФК, еден од водечките меѓународни институти за истражување на пазарот, заклучува дека глобалната економска криза имаше многу помало влијание во овој сектор во однос на останатите економски сектори. (МИА) |