Поглед
Може само бурма
Соња Маџовска
Колку сме старомодни, додека во светот наголемо се инвестира во злато, кај нас тоа не е во мода. Златото во Македонија асоцира само на свадба. Тоа стана речиси единствената пригода кога се купува бурма, златен ѓердан, обетки, белегзии. И додека кај нас само на накит се сведува помислата на злато, во светот тоа има инвестициски сјај.
На светските берзи вртоглаво расте цената на златото, а се' поголема е и побарувачката. Светските милионери се' повеќе купуваат златни прачки или парите ги инвестираат во златни рудници.
И македонските милионери, кои не се така малку, се прашуваат зошто да не можат да чуваат златни прачки во сеф, особено сега кога е очигледно дека станува збор за добра инвестиција. Кај нас тоа е забрането со Законот за девизно работење, а тој забранува и да се купуваат акции на светските берзи. На овој начин со сила се спречува инвестирањето надвор. Со овој Закон, всушност, навидум се спречува одливот на девизи, но има еден куп други начини со кои се стимулира, како што е, на пример, актуелниот увоз на половни автомобили, со кој наголемо се одлеваат девизи од земјава. Значи, кај нас колите се на цена, а не златото.
Може ако сакаме и да играме на Македонска берза, или нормално да штедиме во банка. Но, изборот и не е така голем. Иако за Македонците најсигурната варијанта засега е штедната книшка во банка, сепак, не ја исклучуваат можноста да ги прошират малку повеќе инвестициските видици. Ова покажува дека нешто треба да се менува. Пораката до властите е дека, конечно, треба целосно да се либерализира финансискиот пазар во земјава и да може слободно да се тргува со сите финансиски инструменти. Па, малку и ние да купуваме злато, а не само стари автомобили. |