Доаѓа светската џез-сцена
„Овој фестивал носи потврдени имиња на светската џез-сцена, а не да открива нови таленти“, вели Оливер Белопета
Невена Поповска
Годинешното, дваесет и деветто издание на Скопскиот џез-фестивал, ќе донесе дванаесет концертни изданија, кои ќе може да се проследат на неколку сцени: во Универзалната сала, Македонската опера и балет и клубот „Хард рок“. Во рамките четридневниот фестивал, кој ќе трае до 21 до 24 октомври, предвидени се настапи на музичари од Бразил, Куба, Сад, Белгија, Норвешка, Италија и Нов Зеланд.
Првата вечер е резервирана за кубанскиот композитор и пијанист Омар Соса, кој ќе настапи во Универзалната сала. Тој е еден од најсестраните музичари на денешната џез-сцена. Соединувајќи ги богатите џез, етно и електронски влијанија со своите афрокубански корени, тој создава свеж и оригинален урбан звук, целосно обоен во латино-џез колорит. Соса има објавено 18 изданија, добитник е на наградата за животно дело за неговиот придонес кон латино-џезот во Америка, а има и две номинации за наградата на „Би-Би-Си Радио 3“ во категоријата етно музика и три номининации за наградата „Греми“.
Истата вечер на сцената во Универзалната сала ќе настапи и Италијанката Марија Пиа де Вито, придружена од група инструменталисти.Таа пред македонската публика ќе го претстави проектот „Mind the gap“, актуелниот албум од 2009 година, кој вкрстува слободни форми на џез, традиционална европска музика и апстрактна електроника.
Најзначајниот холандски саксофонист, Јури Онинг и неговиот џез-рок-грув бенд „Wired paradise“ се резервирани за полноќниот настап во „Хард рок“ . Влијателниот холандски саксофонист сублимира џез, рок и денс музика, а во своите сценски импровизации соединува две различни стилски гитари со електроника, бас и тапани.
Втората вечер, во Универзална сала ќе настапи легендарниот гитаристот Лари Карлтон, а потоа концерт ќе одржи бразилскиот виртуоз Хамилтон де Холанда со неговиот квинтет. Во „Хард-Рок“ на полноќ ќе настапи една од најпознатите бразилски пејачки Паула Мореленбаум и ќе го претстави својот нов албум.
В сабота ќе настапи еден од водечките биг-бендови во Европа „Flat Earth Society“(ФЕС) од Белгија, а потоа и американската пејачка Патриша Барбер. Во клубот „Хард-Рок“ вечерта ќе настапи перкусионистот и композитор од Чикаго Кахил Ел’ Забар со саксофонистот Ернест Доукинс, џез трубачот Кори Вилкис и пејачката Нона Хендрикс.
Последната вечер во Македонската опера и балет ќе настапат саксофонистот Тригве Сеим и Фроде Халтли на хармоника. По нив ќе се претстават и норвешкиот гитарист Терје Рипдал и Берген Биг Банд со проектот „Crime Scine“. Фестивалот ќе заврши со концертот на џез триото Аронас од Англија.
Директорот на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета на средбата со новинарите рече дека при изборот на гостите неколку критериуми биле важни и тоа не само финансискиот момент, туку и турнеите на музичарите, авионските линии итн. „Гледаме прво да бидат музичари кои досега не настапувале во Скопје, да имаат актуелни проекти и да значат нешто на џез сцената, рече Белопета. Овој фестивал сепак го има концептот да носи потврдени имиња на светската џез сцена, а не да открива нови таленти“.
Осврнувајќи се на буџетот на фестивалот, Белопета информираше дека секоја година тој изнесува околу 200.000 евра. Речиси 40 проценти од нив се покриваат со средства од Министерството за култура и Град Скопје, 20 проценти се обезбедуваат од влезни билети и 40 отсто од комерцијални спонзори и донации.
Влезниците за 29. издание на Скопскиот џез фестивал ќе можат да се набават во Југотон, Универзална сала и првпат преку Интернет-адресата www.karti.com.mk. |