Франција не се плаши од Бин Ладен
Французите и покрај предупредувањата од терористички закани живеат нормално
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Стразбур - Уште еднаш, за околу еден месец, јавно е соопштено дека врз Франција и врз Европа демнеат терористички закани од Ал Каеда. Последното предупредување до Франција и до другите европски престолнини стигнало од саудиските тајни служби. Саудиска Арабија ги известиле европските тајни служби пред неколку дена за постојните закани од терористички акти на европскиот континент и посебно во Франција. Информацијата ја обелодени лично министерот за внатрешни работи на Франција, Брис Хортефо, во интервјуто за францускиот приватен радиоканал РТЛ.
„Само пред неколку часа или неколку дена, Европејците добија нова порака од саудиските служби во кои ни беше назначено дека Ал Каида од Арабискиот Полуостров е несомнено активна или се подготвува да биде активна“ и дека оваа закана се однесува на целиот европски континент и посебно Франција.
Покрај ова, францускиот министер за внатрешни работи прецизира дека годишно во Франција просечно се спречуваат два атентата и оти во моментов 61 лице е затворено поради вмешаност во терористички акти.
Франција останува претпазлива со оглед на реалната закана, антитерористичкиот план е задржан на високо претпоследно ниво, додаде Хортефо.
Тероризмот е реална закана за Франција, но и за сите демократии во светот, во тоа нема сомневање. Дури 79 отсто од испитаните Французи во едно испитување на јавното мислење, спроведено во почетокот на месецов за националното радио Франс инфо, сметаат дека тероризмот е „сериозна„ или „многу сериозна“ закана, а 65 отсто дека акцијата на француската влада во оваа област ја смета за приспособена на заканите. Истовремено, 42,5 отсто од испитаните сметаат дека владата малку „претерува“ со предупредувањата од постојните терористички закани, иако дури 76,5 отсто сметаат дека владата е во право кога ги информира Французите за својата загриженост.
Сепак, тероризмот не е главна грижа на Французите, на прво место тие ја ставаат невработеноста, иднината на пензиите (поради овие реформи Франција е блокирана), потоа следуваат економската криза и несигурноста. Тероризмот се наоѓа дури на петтото место на нивната загриженост, пред заканите за природната средина и имиграцијата.
Во една друга анкета за телевизијата Канал+ дури 65 отсто од испитаните оценија дека ризиците од можни атентати во Франција не се зголемени во последните недели од септември, а 59 отсто испитаници мислат дека владата премногу комуницира во однос на ова прашање.
Изјавата на Брис Хортефо доаѓа во момент кога Франција живее во криза поради недостиг од гориво за автомобилите и кога се радикализира социјалното движење против реформата на пензискиот систем. Засега Французите не подлегнуваат на паниката од можни атентати, во Париз, кој во минатото честопати беше мета на терористички напади, луѓето се однесуваат нормално во јавниот превоз и на други јавни места, и покрај неколкуте лажни тревоги по кои два пати беа евакуирани Ајфеловата кула и железничката станица „Сант Лазар“. Парискиот суд деновиве по итна постапка го осуди човекот кој два пати пријави лажно подметнување бомба во париската железничка станица „Сант Лазар“.
Со оглед на безбедносната клима и најавите за можни терористички напади во Франција и во Европа, обвинителот побара казна, како пример, за педесетгодишниот човек, кој иако имал алкохолни проблеми и според еден психијатар во моментот кога ги пријавил непостојните бомби бил делумно неспособен да расудува. Виновникот за лажните тревоги бил најден по детаљната истрага на полицијата, по што е осуден на две години затвор, од кои 16 месеци условен затвор, со обврска да се лекува и да и' исплати на државната железница 8.210 евра за претрпената штета и уште 3.000 евра на полицијата за ангажираните трошоци.
Терористичката закана е невидлива, Ал Каида и Бин Ладен, исто така, затоа често Французите на шега велат „банкнотата од 500 евра е како Бин Ладен. Сите знаат дека постои, но никој не ја видел“. Моментно на Французите многу поголема грижа им претставува тоа како им е гарнирано ќесето. |