Во Кочани ќе се менуваат цевките за вода
ШТИП - Со 600.000 евра кредит од Светска банка и со 60.000 евра сопствени средства Кочани ќе ги менува азбестните водоводни цевки од градскиот водовод. Работите на оваа исклучително значајна активност ќе започнат наесен. Градоначалникот Ратко Димитровски вели дека влогот на општината ќе биде главно во човечки ресурси.
„Градот има 19 километри водоводна мрежа. Една третина се азбестни цевки кои во светот се забранети за употреба, посебно во водоснабдителните системи. Светска банка и' одобри на Македонија кредит од 19,5 милиони евра за решавање на најгорливите комунални прашања и потреби во населените места меѓу кои е и Кочани. Без поддршка на Светска банка не ќе можевме да го решиме овој голем проблем. Преостанува парите најрационално да ги искористиме и тоа така и ќе биде“, нагласува Димитровски.
Според кочанскиот градоначалник овој потфат е значаен од два аспекта. Првиот е што во ќе се испратат азбестните цевки во историјата. Вториот, дека со реновирањето на шест километри водоводна мрежа, главно, во стариот дел на градот, значително ќе се намалат загубите на вода.
„Кочани е меѓу ретките општини, чие јавно претпријатие преку ‘скада‘-систем управува со водите од градскиот водовод. Тоа овозможува во секој миг да се знае искористеноста на водите. Дури 30 проценти од водата се губи низ застарените водоводни линии што не е мала работа. И од овој аспект инвестицијата е една од најпотребните за нашиот град“, потенцира градоначалникот Димитровски.
Инаку, Кочани и неколку села кои со вода се снабдуваат од градскиот водовод, во најтоплите летни денови троши 260 литри вода во секунда. Од нив околу 80 литри се губат низ застарените и оштетени водоводни линии. (И.Б.)
|