Еднонасочен сообраќај за хаос во Куманово
КУМАНОВО - Одлуката на Советот на Општина Куманово со која е воспоставен режим на еднонасочен сообраќај на сите улици во строгиот центар на градот е најлошото решение досега на локалната самоуправа донесено во последно време. Ова е став на околу 150 сопственици на фирми на улицата „Иво Рибар Лола“, кои секој ден по еден час излегуваат на протести и го блокираат сообраќајот.
„Од решението на општинскиот Совет директни штети трпат нашите претпријатија од чија дејност ги прехрануваме семејствата. Штети имаат и буџетите на Општината и државата, бидејќи не сме во состојба да ги плаќаме даночните обврски. Од моментот кога се воведе еднонасочен сообраќај, фреквенцијата по улицата и покрај приодите на нашите фирми е преполовена. Со тоа е преполовен и дневниот промет‘‘, вели револтирано Крсте Димитриевски, сопственик на фирмата „Маркокомпани“.
За да се дојде до одредена улица во строгиот центар на Куманово, мора да се заобиколи половина од градот. Или да се поминат неколку километри тесни сокачиња со што непотребно се троши гориво и се губат време и нерви. Вака се жалат сопствениците на фирми од популарно наречената улица „Нагорички сокак“.
Сериозни забелешки на еднонасочното решение имаат и кумановските такси-компании, како и граѓаните кои сметаат дека наместо ред, донесе хаос во сообраќајот.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, го разбира незадоволството, но вели дека еднонасочниот сообраќај кај дел од граѓаните наидува на позитивни реакции. Поради различните гледишта, Дамјановски најави дека решението на Советот ќе се преиспита во септември. (Ст.Б.) |