Заздравувањето нема да го зголеми вработувањето
Вашингтон - Заздравувањето на глобалната економија во следните години можеби нема да создаде значаен пораст во вработувањето, при што Европа е изложена на најголем ризик од бавно закрепнување на економијата и пазарот на труд, изјави вчера директорот на ММФ, Доминик Штрос-Кан.
„Заздравувањето не е доволно, потребно е да го следи создавање на работни места. Најлошо е да се верува дека сме безбедни, бидејќи се спасивме од работ на бездната, односно големата криза која можеше да се случи пред една и пол година. Се' уште не сме безбедни“, истакна Штрос-Кан. И главниот економист на ММФ, Оливие Бланшар, минатата недела изјави дека големата невработеност во САД, Европа и во остатокот од светот, најверојатно, ќе се задржи и во следните месеци. Штрос-Кан потврди дека заздравувањето „не е толку брзо ниту силно како што очекувавме, но тоа, сепак, е заздравување со некоја несигурност. Сега е важно не само да се поттикне порастот, туку тоа да се направи, така што истовремено би се создале милиони работни места што ни се потребни“.
За разлика од ММФ, ЕУ очекува поголем раст од очекуваниот. Според прогнозите на ЕУ, европската економија ќе се зголеми за 1,7 отсто, што е значително повеќе од очекувањата на еврозоната за оваа година. Врз основа на ажурирани информации за раст и инфлација во седумте најголеми земји-членки на ЕУ, реалниот домашен бруто-производ кој се очекува да се зголеми за1,8 отсто во ЕУ, и за 1,7 отсто во еврозоната во 2010 година, прогнозите се пооптимистички за разлика од претходните кога беше проектиран раст за 0,9 проценти во еврозоната за годинава и 1отсто во 27 земји-членки на ЕУ како целина. (МИА) |