Посилна заштита за потрошувачите
Да зајакне улогата на Комисијата за заштита на конкуренцијата и потрошувачите да бидат подобро заштитени, е главна цел на Предлог-законот за заштита на конкуренцијата на кој вчера пратениците му дадоа виза во прво читање. Но, опозицијата предупреди дека законите не треба да останат само на хартија, туку реално да се применуваат, а Комисијата да не функционира само проформа.
Заменик-министерот за економија, Методи Хаџи Васков, на седницата образложи дека клучните цели поради кои се носи законот е зајакнување на ефикасноста на Комисијата, усогласување со барањата на ЕК за намалување на казните во делот на картелското здружување, како и техничко подобрување на законот. Според Игор Ивановски од СДСМ, станува збор за значаен закон, но оти не е доволно да се препишуваат одредбите од европското право, туку дали со нив се гради систем кој ќе овозможи заштита на конкуренцијата во економијата.
Андреј Жерновски од ЛДП рече дека македонската економија е неконкурентна, постои нелојална конкуренција на пазарот и се нудат стоки и услуги што не одговараат на бараните стандар��и. (Ек.Р.) |