СДСМ ќе го разобличува економскиот мит на Груевски
СДСМ вчера објави дека започнува со нов серијал активности со кои ќе се обиде да ги разобличи економските митови на Владата. Според нив, тие биле создадени за да се манипулира со граѓаните преку замаглување на вистинските состојби во економијата, со тоа што Владата си ги припишува само успесите, а за неуспесите обвинува некој друг.
Потпретседателот на партијата, Зоран Јовановски, го отвори серијалот со митот за светската економска криза и падот на македонската економија. Тој потенцира дека сме можеле да поминеме подобро ако Груевски уште во почетокот признаеше дека кризата ќе има влијание и врз домашната економија и ако навреме се реагираше. Според Јовановски, Владата и годинава продолжува да манипулира со податоците.
„Премиерот Груевски се фали дека сме имале трет најмал пад на економијата во 2009 година, ама молчи дека повеќе од 20 земји во Европа имаат подобар резултат од нас во 2010 година. Груевски продолжува да се вади со светската криза, а не им кажува на граѓаните дека некои работи во светот се подобрени. На пример, зголемени се цените на металите. Според податоците на Лондонската берза на метали, просечната дневна цена на никелот е зголемена од 14,5 илјади во 2009 година, на 21,2 илјади американски долари по тон во првата половина од 2010 година, што е пораст за речиси цели 45 отсто. Друг пример е силниот раст на германската економија во 2010 година, која е најголемиот пазар за нашите производи. Значи, во светот се случуваат добри работи за македонската економија, ама и покрај тоа, кај нас работите не одат“, изјави Јовановски.
Тој спореди колкав раст бележела економијата за време на владеењето на СДСМ, односно дека во периодот од 2003 - 2006 година во просек годишно растот изнесувал 3,7 отсто, додека во периодот 2007 – 2010 година, дури и да се оствари предвидувањето за годинашниот раст од 2 отсто, македонската економија има просечна годишна стапка на реален пораст од само 3,1 отсто. (С.М.) |