Власта не попушта - работникот да се пријави веднаш
Иако бизнисот бара, сепак, нема да се враќа старото решение за пријавување на работниците во рок од три дена
Александрија Стевковска
Пријавување на работникот по доаѓањето на работа во рок од три дена,
зголемување на флексибилноста на работното време, со почитување на максимум дозволени часови, преиспитување на казните за работодавците кога има прекршувања во однос на прекувремената работа, побараа вчера од Стопанската комора на Македонија. Овие корекции и барања беа испорачани од членките на Комората до власта, а се однесуваат на Законот за работни односи, кој, според нив, содржи многу нелогични и противречни одредби.
„Се бара старото решение, работникот да се пријави по доаѓањето на работа во рок од три дена, наспроти моменталното решение со кое е предвидено тој да се пријави по склучувањето на договорот за работа, пред да стапи во службата. Тоа значи дека кога ќе го склучи договорот и работникот ќе биде пријавен од страна на работодавецот, работникот може и да не дојде на работа“, потенцираше вчера Стојмирка Тасевска, виш советник во СКМ.
На овој дел од барањата на стопанствениците вчера експресно реагираа од
Министерството за труд и социјална политика, од каде што нагласија дека немаат намера да го враќаат старото законско решение за пријавување на работниците во рок од три дена, поради негова злоупотреба.
„По однос на барањето за враќање на старото решение за ретроактивно пријавување на работниците во рок од три дена немаме намера да го враќаме старото решение, од причина што со тоа законско решение се злоупотребуваше премногу правото на работникот да биде пријавен. Според тоа, остануваме на обврската за пријавување на работникот истиот ден кога ќе почне со работа“, се вели во реакцијата на МТСП.
Наспроти убедувањето на Министерството за труд и социјална политика дека измените во Законот за работни односи се донесени во согласност со европските директиви, стопанствениците ја разбираат потребата од усогласување на македонското со европското законодавство, но реагираат што измените на овој Закон се носат брзо и без да бидат консултирани. Според нив, честите измени можат да создадат правна несигурност.
„Членките се прашуваат дали ни се потребни брзи и чести промени на Законот за работни односи само поради следење на европската регулатива, наспроти реалните можности за имплементација на одредбите од Законот во практика“, нагласи Јелисавета Георгиевска, генерална секретарка на СКМ.
За стопанствениците честото менување на Законот за работни односи може да донесе само правна несигурност и создавање лавиринт од прописи.
Членките на Комората бараат да се создаде правна основа за зголемување на флексибилноста во користењето на работното време, во согласност со технолошките процеси кај работодавецот, со истовремено почитување на максимум работни часови. „Членките бараат и преиспитување на правото на нивно казнување кога ќе го прекршат делот од Законот за прекувремена работа во стопанството, наспроти јавно декларираниот принцип на работа на Владата 24/7“, додаде Георгиевска.
Работодавците бараат да се уредат и недоволно прецизираните одредби од Законот од аспект на начинот за прераспоредување на работникот на работно место, што не е утврдено со последните измени.
Паралелно со забелешките, бизнис-заедницата од СКМ ја поздравува заложбата на Владата за намалување на високите казни со законите во стопанството, кај кои има намалување од 30 до 50 проценти, како и можноста за степенување на санкциите. |