И на Одензе ќе се оди со три шпица

„Романтичарите“ утре против данскиот тим ќе прослават мал јубилеј, ќе го одиграат 25. меч во Европа
Сашко Ѓ. Димовски
Екипата на Работнички, утре попладне (17.30 часот), на „Филип Втори“ арената во Скопје ќе одбележи мал јубилеј. Дуелот со Одензе, прв во третото квалификациско коло за Лига Европа, ќе биде 25 за клубот од Дебар Маало во европските фудбалски купови, повод плус за „романтичарите“ да прикажат добра игра и да се обидат да обезбедат добар резултат за реваншот по седум дена во Данска.
Тренерот Зоран Стратев се враќа на клупата на „романтичарите“ по одлежаната казна што му ја изрече УЕФА за добиениот црвен картон во Белфаст против Крусејдерс во претходната рунда во ова натпреварување. Нема никакви забелешки на подготквите, на односот на фудбалерите, на нивниот пристап во тренинзите. Вели дека се работи на високо ниво, одлично, видлив е мотивот кај играчите. И повторно најавува офанзивна игра со тројца напаѓачи, рецепт што донесе резултат во реваншот со „крстоносците“ од Северна Ирска во четвртокот. Само што овојпат ќе побара од страничните играчи Вандаир и Зе Карлош Филјо да помогнат и во играта на средината на теренот.
„Јас не сум човек што се залага за дефанзива. Затоа против Одензе ќе играме со тројца напаѓачи, како што игравме и против Крусејдерс. Нема што да браниме. Секогаш се ориентираме да постигнеме гол на домашен терен. Така ќе биде и утре“, порачува Стратев, за кого натпреварот со Одензе ќе биде 17 во европските купови. Билансот што тој го оствари досега како кормилар на наши екипи во меѓународните купови е шест победи, 5 реми и пет порази.
Единствената негова желба, но и на фудбалерите е да прикажат добра игра. Ако го сторат тоа, вели, ќе има и резултат. Но, желба на „романтичарите“ ќе имаат уште една цел утре попладне на „Филип Втори“, а таа е да ја сочуваат сопствената мрежа. Изминатите денови се работеше на подигнување на нивото на играта во одбраната и отстранување на грешките што беа присутни против Крусејдерс.
„Можам да кажам дека целокупната атмосфера е одлична. Фудбалерите се однесуваат професионално, како што им доликува. Мотивот кај нив е забележлив. Ќе истрчаме на теренот со желб�� за добра игра и да не примиме гол. Не ги оптоварувам играчите со квалитетот и имињата на противникот. Свесни сме дека Одензе е квалитетен состав, но истовремено и јас и играчите сме свесни дека и ние поседуваме квалитет“, дополни Стратев.
Освен играчкиот состав на Одензе, бројките и фактите за клубот, Стратев нема информации за стилот на игра што го негува тимот од „Фионија парк“. Во текот на вчерашниот ден тој очекуваше да добие две цедиња од дански претставници кои вчера вечер беше најавено дека ќе пристигнат во Скопје и да се погрижат за сместувањето на гостинските фудбалери. Тие ветија дека ќе донесат снимки од мечевите на Одензе против Брондби и Сондерјиске во воведните две кола од новата сезона во шампионатот на Данска од кои Стратев барем малку требаше да се запознае со играта на утрешниот противник на Работнички. |