Македонските ватерполисти 14. во светот

Во меч за 13. позиција на СП 2009 во Рим, вчера бевме поразени од Бразил со 16:15 по изведувањето пенали
Сашко Ѓ. Димовски
Македонската ватерполо репрезентација заврши на 14 место на Светското првенство во Рим. Вчера претпладне во меч за 13 место нашиот тим загуби од Бразил со 16:15 дури по изведување на пеналите. Натпреварот во регуларниот дел заврши 11:11, немаше победник ниту во двете продолженија по три минути (1:0, 0:1), па за победникот решаваа петерци во кои „кариоките“ беа подобри со 4:3.
Момчињата на Нонковиќ добро почна, но наеднаш застанаа. Го добија првиот период со 2:0 и кога се очекуваше дека рутински ќе го одработат продолжението се случи пад во играта. Втората четвртина ја загубивме со 6:2, негатива која едвај успеавме да ја анулираме до крајот иако ги решивме во наша корист и третата четвртина со 4:3 и последната со 3:2. Бевме во позиција да доживееме пораз уште во регуларниот дел, но Перчиниќ го одбрани ударот на Ф. Франко и во последниот напад реализиравме преку Мичиќ за израмнување на 11:11. Марсело Франко и Мичиќ по еднаш погодија во екстра времето по што се мина на изведување на пенали. Во пенал серија прецизни беа Кречковиќ, Башиќ и Крстиќ, промашија Вуксановиќ и Бениќ, Перчиниќ ги одбрани ударите на Силва и Фелипе Франко. Па откако и по пет изведени пенали немаше победник, серија продолжи, Ф. Франко во повторниот обид беше успешен што не беше случај и со Кречковиќ.
Душан Крстиќ беше наш најефикасен ватерполист во дуелот со Бразилците. Вклучувајќи го и погодокот во пенал серијата тој постигна 4 гола, Мичиќ 3, Милиќ, Кречковиќ и Башиќ во 2, Вуксановиќ и Бениќ по еден. Уште еден одличен ден на голот имаше Перчиниќ. Мечот го заврши со 17 одбрани од 33 упатени удари кон него, но неговиот ефект не знаевме да го искористиме во нападот. Фелипе Франко четири пати ја тресеше нашата мрежа, по три пати тоа го сторија Руда Франко и Мамери, по еден гол примивме од Сантош и Кореа.
За Македонија ова беше деби на светските ватерполо првенства. Настапот во Рим го обезбедивме благодарение на освоеното осмо место на ланското ЕП во Малага. На мундијалот во италијанската престолнина забележавме една победа над Казахстан и четири порази, три во регулани��т дел од мечевите во фазата по групи од Италија, САД и Романија и еден, овој последниот, на пенали од Бразил. Најефикасен македонски ватерполист во петте мундијалски натпревари беше Небојша Милиќ со 12 гола, Душан Крстиќ постигна 11. Тоа се единствените двајца наши играчи со двоцифрен број погодоци. Во листата на стрелци за Македонија се запишаа уште Марко Башиќ шест пати, пет пати Марко Мичиќ, три пати погоди Даниел Бениќ и по два пати Иван Вуксановиќ и Владимир Кречковиќ.
Повеќе од 50 отсто успешност имаше и голманот Далибор Перчиниќ. Одбрани вкупно 55 топки од вкупно 93 колку што беа упатени кон неговиот гол, вториот наш чувар на мрежата, Милош Урошевиќ забележа 6 одбрани од 19 удари.
Македонија - Бразил 15:16 (на пенали)
По четвртини: 2:0, 2:6, 4:3, 3:2. Во продолженија: 0:1, 1:0. На пенали: 3:4. Спортски комплекс: „Форо Италико“ во Рим. Гледачи: 150. Судии: Фарид Монер од Египет и Гај Пинкер од Јужна Африка. Исклучувања: Македонија - 7, Бразил 11.
Македонија: Перчиниќ, Урошевиќ, Белев, Вуксановиќ, Димовски, Милиќ, Стојчев, Мичиќ, Кречковиќ, Крстиќ, Башиќ, Петровиќ, Бениќ. Селектор: Стеван Нонковиќ.
Бразил: Кордеиро, Сантош, Бертолуци, М. Сантош, Вита, М. Франко, Мачадо, Силва, Р. Франко, Сигерер, Ф. Франко, Мамери, Кореа. Селектор: Барбаро Дијаз. |