Кариерата на Маса завршена поради повредата на левото око?

Бразилецот полека закрепнува од несреќата во Будимпешта, контактибилен е и ги движи екстремитетите
Последиците што ги доживеа во квалификацискиот тренинг во саботата, пред трката за Големата награда на Унгарија, би можеле да бидат кобни за продолжување на кариерата на бразилскиот возач Фелипе Маса.
Имено, Роберт Верес, лекарот кој го оперираше Маса по застрашувачкиот удар во заштитниот ѕид, изјави дека Маса добро се опоравува, но повредите кои Бразилецот ги има на левото око не сакаше да ги прецизира. Се шпекулира дека истите се преголем тег за продолжување на кариерата.
Вчерашните последни информации велат дека Маса од час во час бил подобар. „Неговата состојба значително е подобрена. Ја прекинавме седацијата и го симнавме од респиратор. Се' уште е малку поспан, но способен е да одговара на прашања“, изјави Лајош Зирош, главен хирург во Воената болница во Будимпешта, каде што се наоѓа Маса.
Како што е познато, животот на Маса го спаси кацигата, откако амортизерот што се одвои од болидот на Барикело го погоди во глава, пробивајќи му ја кацигата над левото око. Делот од болидот чија тежина е нешто помалку од еден килограм при брзина од 200 км на час станува тежок неколку стотини килограми и нема сомневање дека кацига која не е со врвен квалитет нема да поднесе таков удар.
„Билд“ тврди дека вредноста на кацигата произведена во Германија е околу 12.000 евра. Нема сомневање дека и на претседателот на Ферари Лука ди Монтеземоло му е драго што баш неа ја имаше Маса на главата кога се случи несреќата, но професионално ладниот Италијанец потенцираше дека му е битно здравјето на Бразилецот, ама и брзата потрага по нов возач. Во медиумите се појави вест дека легендарниот Михаел Шумахер може да го замени Маса, но неговиот менаџер Вил Вебер отфрли таква можност.
„Најважно е Фелипе да се опорави. Тој е битен член на семејството Ферари, а не само за тимот“, кажа Мотеземоло.
Инаку, несреќата на Маса ги шокираше Бразилците кои ги вратија сеќавањата на незаборавната трагедија во 1994 година кога на Имола загина трикратниот светски првак Аиртон Сена. Неделното издание на бразилскиот дневник „Екстра“ донесе н��слов: „Бразил се моли за Маса“.
И сопругата на Маса, која е во шестиот месец на бременоста го следеше преку ТВ пренос во Сао Поало страдањето на својот сопруг. Таа бргу допатува во Будимпешта, а на своите сонародници им порача: „Го молам секој од вас, без оглед на религијата, да се моли за мојот сопруг“.
Таткото на Маса Луиз Антонио рече: „Тешко е да се прифатат вака тешки вести, но најлошото помина. Мојот син ќе се опорави“. |