Французите ставија паралела меѓу расизмот и саркосизмот
Масовни протести во Франција поради политиката што ја стави државата на столб на срамот
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Париз - Околу сто илјади лица, според организаторите, излегоа викендот на улиците во француските градови за да протестираат поради безбедносната политика на владата на Никола Саркози, оценета како ксенофобија и репресија. Министерот за внатрешни работи, Брис Хортефо, тврди дека бројката била само неколку десетици илјади лица, најавувајќи дека и покрај протестите, тој е одлучен да продолжи со оваа политика.
„Да ја запреме репресија“, „Не на нехуманата политика на Саркози“, скандираа учесниците на протестните манифестации во Нанси, Марсеј, Стразбур, Тулуза, Мец, Бордо и Париз. Протестите беа одржани под слоганот „Слобода, еднаквост, братство“ - девизите на Француската Република, која годинава одбележува 140 години. Организаторите, повеќе француски невладини организации, меѓу кои Лигата за човекови права, Лекари на светот, синдикатите СГТ и ЦФДТ ги организираа собири��е за да протестираат поради начинот на кој се третирани Ромите и за да докажат дека сите Французи не се истомисленици со актуелната политика на владата.
Кон протестите се приклучи и Социјалистичката партија на Франција, која, исто така, изрази желба да „се спротивстави на ксенофобичната политика“. „По ова лето на срам, кога Никола Саркози и неговите пријатели го зголемија бројот на постапки и изјави што ја прикажаа Франција како ксенофобична земја, потребно е Французите, кои се приврзаници на вредностите на нашата Република, силно да се мобилизираат за да го покажат отфрлањето на политиката втемелена на стигматизација“, наведено е во коминикето на француската Социјалистичка партија. Движењето на зелените, исто така, се приклучи кон протестите со мислење дека е потребно да се протестира „поради амалгамот меѓу имиграцијата и деликвенцијата, поради отфрлањето на странците и поради државниот расизам, деклариран од Никола Саркози“.
Во Париз, на Статуата на Републиката на истоимениот плоштад беше поставено големо француско знаме со дамка во средината на која беше напишано „саркосизам“. Повеќемина учесници на протестите носеа француски тробојки и табли на кои можеше, покрај другите пораки, да се прочита „не за ксенофобијата на француската влада“.
Саботните протести доаѓаат само еден месец по декларацијата на претседателот Никола Саркози во Гренобл, каде што најави серија безбедносни мерки за сите лица со странско потекло, без разлика дали имаат француско државјанство или не, и забрзувањето на протерувањето на Ромите кон Бугарија и кон Романија.
Протерувањето на ова малцинство предизвика серија критики не само во Франција, туку и во Европа, по што Франција беше обвинета за ксенофобија. Саботната мобилизација од страна на партиите на левицата и невладините организации од министерот за внатрешни работи беше наречена „разочарувачка“, бидејќи не била мас��вна. Според Хортефо, на протестите излегле „левичарски групации и анархисти“, кои под „преттекстот дека ги бранат човековите права, всушност, го прифаќаат лаксизмот, го покажуваат ангелизмот и ја отфрлаат реалноста“.
Политиката на протерување на Ромите ја стави и Европската унија во расчекор меѓу нејзината определба да им остави повеќе простор на државите-членки да ја водат својата внатрешна политика и грижата да ги заштитува правата на едно сиромашно и маргинализирано население. Само за еден месец Париз протера 979 Роми во Бугарија и во Романија, односно 9.000 од почетокот на годината, за што Франција беше остро критикувана во Европа. Минатата недела Европската комисија побара од француските власти детални информации за да знае во која мерка биле спроведени „потребните гаранции“ во однос на протерувањето на Ромите од Бугарија и од Романија. Тоа е побарано во доверливото писмо упатено до Париз и потпишано од тројцата еврокомесари - Вивијан Рединг (правда), Ласло Андор (труд) и Сесилија Малмстром (внатрешни работи).
Тројцата комесари проценуваат дека Франција треба да осигура дека сите случаи на протерување се оправдани и да докаже дека вратените лица претставуваат вистинска закана за јавниот ред или неразумен трошок за системот на социјална помош на Франција. Другиот аспект на грижата на Брисел е да од утврди дали француската политика го почитува принципот на еднаквост на граѓаните на ЕУ, бидејќи европските директиви забрануваат да се прават разлики според етничкото потекло. Во вторник Европскиот парламент во Стразбур ќе дебатира за ситуацијата со Ромите во Европа и в среда ќе треба да усвои резолуција. |