Лозарите започнаа со протести
Министерот за земјоделство викендот беше во Тиквешијата, но не им порача ништо ново на лозарите
Ангел Данов
Неготино - Производителите на грозје од Неготино и од Кавадарци вчера започнаа со најавениот протест. Ја блокираа винарската визба „Повардарие“, а блокади поставија и на излезот од Неготино кон автопатот. Разочарани се од репризата на нивните проблеми. Велат дека државата нема слух за нивната мака.
Протестираат затоа што не им е исплатено ланското грозје, но и поради депресивните и понижувачки цени за откуп на годинашниов род. Висококвалитетното грозје им се откупува по само 8 денари за килограм, а за откуп на најмасовно застапените сорти „смедеревка“ и „вранец-кратошија“ во оптек се цени од 4 до 6 денари. Сметаат дека годинава добија удар што ќе го уништи лозарството. „Нека се изнесе грозјето штом се полни подрумите. Нека се отворат границите да го дадеме грозјето надвор. Да ги пуштиме Хрватите, сите што сакаат грозје, нека дојдат и Бугарите“, вели Ване Анастасов, лозаропроизводител.
Од вчерашниот теле��онски разговор со министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, добиле уверување дека преработувачите ќе бидат повикани на нов состанок во Министерството денес и ќе им биле пренесени барањата на лозарите. Блокадите ќе останат се' додека производителите на грозје не добијат позитивни резултати од преговорите со визбите и со Министерството.
Ако нема поволна повратна информација, блокадите ќе се прошират и на автопатот Неготино - Гевгелија, но и ќе го радикализираат протестот. „Нема да ги пуштаме децата на училиште“, се заканија лозарите. Вчера не се пропушташе ниту едно возило. Речиси еден час во блокадите беше заглавено и возило на АРМ кое требало да замине на воениот полигон Криволак. Имаше и нервозни возачи, па во повеќе наврати постоеше можност да дојде до ескалација на состојбата.
Лозарите добија поддршка за протестот и од градоначалникот на Неготино, Пане Трајков, од претседателот на Советот на Општина Неготино, а присутни беа и претставници од сите советнички групи во Советот. Лозарите искажаа недоверба спрема лидерот на „Агротиквешија 2002“, Љупчо Аризанов, и сметаат дека тој не може да помогне во решавањето на нивните проблеми.
Министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, во саботата беше во посета на Кавадарци, но не им порача ништо ново. Тој рече дека не треба да се решаваат проблемите со протести. Смета дека петнаесетте милиони евра што ги издвојува државата за субвенции во лозарството се од големо значење за лозарите и дека се правеле напори субвенциите да стасаат до лозарите во пократок рок за разлика од лани, кога се исплаќаа кон крајот на годината.
Министерот повторно ги изнесе проблемите со кои се соочуваат винарските визби. „Македонија е дел од глобалниот свет и ги чувствува последиците од кризата. Една од последиците беше ударот врз виното. Голем дел од консументи се откажаа од овој производ. Од надлежните институции од ЕУ имаме податоци дека се купуваат поевтини и понеквалитетни вина, со што на директен начин е засегнато и македонското вино, кое имаше традиционални пазари во ЕУ. До средината на февруари бевме комплетно блокирани како извозници на вино на пазарот во Германија. Почувствувавме конкуренција од Јужна Америка, Јужна Африка, Австралија и од Нов Зеланд. Тие имаат висок квалитет на вина, а ниски цени, на кои нашето вино не можеше да им конкурира“, рече Димовски во триесетминутното образложение пред новинарите за актуелните состојби и проблеми во лозаро-винарството. Тој потсети дека македонските винарници се соочуваат со резерви на вино од 90 милиони литри, поради што и Министерството ја предложило до Владата мерката за подршка на винарските визби, кои ќе откупат над 65% од ланските количини грозје, да бидат субвенционир��ни со пари од Програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
„Знаеме дека визбите не се во можност да извршат откуп на ново грозје. Нивните танкови се полни со вино, но имаат и трошоци за адаптирање на други танкови поради што мораше да бидат стимулирани“, нагласи Димовски. На информацијата од новинарите дека актуелната владина мерка за подршка на визбите не е атрактивна за дел од визбите, првиот човек на ресорот за земјоделство рече дека тој и Владата немале таков впечаток. Тој смета дека во земјава имаме неповолна структура на насадите. „Помалку од 20 отсто се трпезни сорти, а речиси 80 отсто вински. Со трпезното грозје немаме проблем, за разлика од винското“, рече Димовски. Тој категорично демантираше дека на состанокот во Министерството лозарите дале каков било предлог за цена по која би се откупувало грозјето. Наспроти ова, од „Агротиквешија“ деновиве тврдеа дека му понудиле на министерот „кратошијата“ да се откупува по 13 денари, „смедеревката“ по 10, а висококвалитетните сорти по 16 денари.
|