МЕРИДИЈАНИ
Милениумски развоjни милjи
Филип Дуст-Блази
Дури 536.000 жени годишно умираат на породување. Изминувањето на секоја минута значи една мајка помалку
Глобалната економска криза зеде многу жртви - невработени работници, сопственици на куќи чија вредност на имотот е намалена и банкротирани пензионери - но никаде реперкусиите не биле толку уништувачки како во земјите во развој. Осуетувањето на кревките достигнувања во последниве неколку години, особено во Африка, се заканува да врати милиони луѓе во екстремна сиромаштија од која тукушто успеаја да избегаат. Покрај изгледите за енормно човечко страдање, сериозни економски, политички и социјални притисоци сега се закануваат да ги уништат и дестабилизираат земјите во развој, предизвикувајќи конфликти од досега невиден размер.
Сега, иако глобалната економска криза ги поткопува несигурните напори на развиените земји да ги исполнат нивните обврски за официјална развојна помош (ОДА) со цел да се постигнат Милениумските развојни цели на ОН (МДГ). Во извештајот на ОН се предупредува дека годишните инвестиции од овие земји донатори се за 35 милијарди долари помали од целта - 150 милијарди долари. Доколку нешто не се промени, постојат мали шанси дека целите на МДГ би можеле да се одржуваат долгорочно.
Всушност, последиците од опаѓањето на ОДА е веќе драматично; бројката на луѓе кои се гладни и се во екстремна сиромаштија сега е далеку поголема од претходно, а истото важи и за невработените, оние кои работат чувствителни работи или заработуваат помалку од 1,25 долари дневно. Поткопан е напредокот забележан во здравствената заштита и описменувањето. Податоците на Светската банка го поврзуваат економскиот пад со зголемувањето, за 200.000, на морталитетот меѓу децата на возраст под пет години.
Освен тоа, 536.000 жени годишно умираат на породување. Со изминување на секоја минута значи една мајка помалку и срамота е што 99 проценти од овие смртни случаи се појавуваат во земјите во развој.
Па, дали треба да губиме надеж за достигнување на МДГ, не само до првобитниот краен рок од 2015 година, туку до крајот на векот? Гледано низ традиционалната призма на ОДА, со нејзините едногодишни буџети, ограничувања на јавните финансии и конкурирање на националните приоритети, изгледа дека има мала причина за оптимизам. Меѓутоа, има начин да се замени традиционалната парадигма со меѓународно прифатен модел кој има докажан успех, особено во здравствената заштита.
Иновативните механизми за финансирање нудат начини да го искористат порастот во глобалниот финансиски прилив без нарушување на економската активност. Меѓу најпознатите примери е УНИТАИД, меѓународна организација спонзорирана од ОН за набавка на лекови финансирана главно преку мали даноци додадени на авионските билети, која од 2007 година собра 1,5 милијарди долари. Овој сигурен извор на финансирање ја предводеше борбата за трите Милениумски развојни цели поврзани со здравството: лекување и борба против опасните по живот болестите како ХИВ/сида, маларија и туберкулоза; намалување на морталитетот кај децата; и подобрување на здравствената заштита на мајките.
Обезбедувајќи финансиска поддршка во 93 земји, УНИТАИД денес ги финансира лекарствата за три четвртини од децата низ светот кои примаат третман со анти-ретровирали. Големата покриеност е постигната преку влијанието на УНИТАИД врз цената на лекарствата кои спасуваат живот: гарантираат пазар преку долгорочни ангажмани во набавката на големи количини на лекарства и дијагностички програми - ангажман овозможен од одржливо и предвидливо финансирање од „воздушниот данок“. Како резултат на тоа, цената на анти-ретровиралите е намалена за повеќе од 50 проценти.
Исто така, УНИТАИД се бори против морталитетот кај децата преку обемната програма на УНИЦЕФ за искоренување на пренесувањето на ХИВ од мајка на дете. До крајот на 2010 година, четири милиони Африканки ќе бидат прегледани, и третмани со три терапии ќе бидат обезбедени за 500.000 бремени жени низ светот.
(Авторот е поранешен француски министер за надворешни работи и генерален потсекретар на ОН одговорен за Иновативни финансирања за развој, и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“)
|