Банките не се плашат за заштедите
Банкарите мирно спијат и велат дека штедењето моментно е единствена алтернатива
Соња Маџовска
Банкарите не се плашат дека ќе им се стопат штедните влогови откако почнаа да ги намалуваат каматите, ама граѓаните се во дилема. Речиси две години наназад поради тоа што растеа постојано пасивните камати, голем број граѓани се решија парите од под перници да ги стават во банка, но, сега веќе не се сигурни дека оваа варијанта им е најисплатлива.
„Имавме заштедено 20.000 евра, кои ги депонираме пред две години во македонските банки, токму поради високите камати, кои беа многу повисоки отколку каматите во Германија, каде што живееме. Но, во последниве неколку месеци е забележителен трендот на намалување на каматите, поради што и ние сериозно размислуваме да ги повлечеме парите и да ги префрлиме во некоја од германските банки“, вели една наша иселеничка во Германија.
И покрај тоа што некои штедачи се мислат што да прават и се прашуваат дали е исплатливо да ги чуваат парите во банка, или да ги трошат, банкарите мирно спијат. ��ие велат дека засега се без конкуренција, односно дека граѓаните и немаат друга алтернатива која носи и приходи и сигурност, освен штедењето. „Нема опасност од намалување на штедните влогови, и покрај тоа што се намалија каматите на депозитите. Банките се најсигурни и со оваа висина на пасивните камати штеде��ето е единствена алтернатива која е извор и на приходи и на сигурност за граѓаните и за фирмите. Не очекуваме да има повлекување на депозитите“, вели Маја Стевкова - Штериева од Комерцијална банка. Таа останува на ставот дека банката и овој пат нема да ги намали каматите на кредитите, се' додека централната банка не преземе чекори со намалување на задолжителната резерва.
И другите банки веќе прават пресметки за намалување само на пасивните каматни стапки, но не очекуваат поради тоа да има пад на штедењето. Банкарите се убедени дека во овој момент нема друг посигурен начин за граѓаните и за фирмите да ги оплодат парите, со оглед на тоа што Берзата е „тапа“.
Сепак, за нашите банкари штедењето е најважната компонента во нивното работење, со оглед на тоа што тие пари ја сочинуваат базата за кредитирање. „Поради економското опкружување, интересот за штедење постојано се менува, а банките се приспособуваат и им нудат разновидни производи на штедачите. Стопанска банка има над 100 депозитни производи кои се разликуваат по рочноста, валутата, начинот на добивање камата, фиксни или променливи каматни стапки, скалест пораст на каматните стапки, дополнителните предности. Бидејќи причините за штедење варираат кај сите клиенти, не можеме да издвоиме најчеста форма за штедење, меѓутоа производите ’12/13‘, ’18/20‘, ’Флекси‘ и ’Пчелка‘ го имаат привлечено вниманието на значителен број клиенти“, велат од Стопанска банка. Оттаму објаснуваат дека најатрактивни каматни стапки има кај денарските депозити, а кај девизните депозити најголем број клиенти штедат во евра. Од Стопанска банка дадоа и конкретни примери колкав ќе им биде приносот од камати, ако штедачите, на пример, вложат 61.500 денари, или 1.000 евра, а ги орочат на една година. Од банката објаснуваат дека конкретно со производот 12/13, клиентот добива бонус 13. камата, иако депозитот е орочен на 12 месеци. За депозит од 61.500 денари, за една година со капитализација, каматата изнесува 5.115 денари, а за 1.000 евра, приходот од камата изнесува 47,6 евра. „Во 2010 година, поради неколкуте промени на каматните стапки, клиентите ги проверуваа почесто производите што се нудат и ги правеа пресметките за да го добијат најдоброто за своите средства. И оваа година се одржува стабилна депозитната база кај банките во Македонија. Клиентите правни и физички лица своите слободни средства и понатаму ги оплодуваат во банките преку користење на депозитни производи, што е знак на стабилноста на банкарскиот сектор и на довербата што истиот го има кај клиентите“, велат од Стопанска банка. Народна банка на Македонија од крајот на минатата година ја сведе основната камата од 9 на 4,5 отсто, но овој потег банките го искористија само да ги намалат каматите на депозитите, а не и на кредитите. Каматите за штедните влогови се движат од 5 до 10 отсто, во зависност, пред се', од тоа дали се штеди во евра или во денари и на колкав период се орочени средствата.
Според официјалните податоци на НБМ, заклучно со јули вкупните штедни влогови во банките и штедилниците изнесуваат 3,2 милијарди евра, од кои пак 2,2 милијарди евра отпаѓаат на население. Кога ќе се споредат јуни со јули, се јавува разликата од 66 милиони евра кај заштедите на фирмите, но банкарите велат дека станува збор за повлекување пари од банките од страна на „Телеком“ за исплата на дивиденда. Банкарите објаснуваат дека вообичаено во летниот период има повлекување на заштедата и поради одморите, реновирање стан или куќа, но има зголемување на депозитите кај оние што се враќаат од странство.
Од Фондот за осигурување депозити велат дека годинава граѓаните, поради висината на пасивните каматни стапки, не само што штедат повеќе туку и ги орочуваат заштедите на подолг период. Дали овој тренд ќе продолжи, поради падот на пасивните камати, ќе се види наредните месеци. (С.М.) |