Мајка Тереза е патоказ на мирот и љубовта
По повод јубилејот 100 години од раѓањето на Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза, во МАНУ се одржа централно чествување
Невена Поповска
Вчера се навршија 100 години од раѓањето на Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза и по тој повод во просториите на Македонската академија на науките и уметностите се одржа централно чествување со духовно-уметничка програма.
Познатиот хуманист и донатор Трифун Костовски ја промовираше монографијата „Бидете благословени - молитви и пораки на Мајка Тереза“ на авторот Стојан Тренчевски, а беше претставен и документарниот филм „По скопските патишта од младоста на Гонџа Бојаџиу - блажената Мајка Тереза од Калкута“ на режисерот Кирил Узунов.
Беседа за хуманата мисија на најпознатата скопјанка во Македонија одржа претседателот на МАНУ, академик Ѓорѓи Старделов, кој, меѓу другото, рече: „Знаеме дека ние, луѓето, живееме во сеќавањата и со сеќавањата, но, сепак, секој станал велик од своите очекувања. Еден со тоа што го очекувал можното, друг со тоа што го очекувал вечното, но само оној којшто го очекувал невозможното станал, навистина, повелик од сите. А, невозможното во примерот на Мајка Тереза стана вистински можно кога тоа младо и чедно суштество родено и израснато во едно скопско маало тргна на еден долг и далек историски пат, предодреден од Бога да ја прегрне сета планета, да се внесе и вознесе во неа себеси, помагајќи им на беспомошните и со тоа да се здобие со планетарна димензија“.
Признанието „Послание за хуманост Мајка Тереза“ на академик Томе Серафимовски и на д-р Срѓан Керим им ги врачи градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, а на американскиот славист д-р Виктор Фридман, кој не присуствуваше на свеченоста, признанието ќе му биде врачено подоцна, додека на францускиот шансониер Шарл Азнавур ова признание му беше врачено во текот на неговата посета на Скопје.
Заблагодарувајќи се за доделеното признание од свое име и од име на добитниците, Срѓан Керим во својата беседа истакна дека „Мајка Тереза не е само великан на нашето време, туку патоказ кон основните универзални вредности, мирот и љубовта меѓу луѓето насекаде во светот за генерациите што ќе пристигнат. Таа е овде, со нас и меѓу нас. Вчера, денеска, утре... Прашањето на кое секој од нас сам себе си должи одговор, вистински е дали сме ние со неа, ќе ни успее ли тоа воопшто и колку“, праша Керим за да заврши со порака дека нема да залутаме доколку ја имаме надежта и смелоста со која тргнала Гонџа Бојаџиу во пресрет на Мајка Тереза за да станат едно.
Статуети за хуманост „Блажена Мајка Тереза“ им беа врачени на проф. д-р Сашко Кедев - хуманист и освојувач на врвот Монт Еверест, алпинистот Здравко Дејановиќ, д-р Мане Манев - лекар, на маратонецот Игор Димовски, кој неодамна го преплива Ла Манш, на музичкото дуо Мехмети - Старова, на олимпиецот Бранимир Јовановски, на Лајонс клубот „Свети Пантелејмон“, на Митко Костов и на крстоносецот Раде Илиевски.
По повод стогодишнината од раѓањето на големата хуманистка и нобеловка за мир Мајка Тереза, оваа година се реализираат 100 акции, манифестации и чествувања.
Агнеза Гонџа Бојаџиу - блажената Мајка Тереза, основачка на редот Мисионери на милосрдието, е родена во Скопје на 26 август 1910 година. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута. |