Ќе има ли патник во авионот?
На аеродромите луѓето ќе се делат на „познат патник“, „патник нормален“‘и „ризичен“
Најавувајќи го како начин да се стави крај на универзалниот пристап за безбедност на аеродромите, Меѓународната асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) обелодени модел на, како што го нарекува „контролен пункт на иднината“.
Наместо единечна постапка за пров��рување што се применува за сите патници, групата предвидува патниците да бидат поделени на ризични категории, врз основа на информациите достапни за нив. Потоа тие би биле насочени во еден од трите редови: „познат патник“, „патник нормален“ и „зголемена безбедност“. Првиот - и најбрз - ред би бил само за патниците кои пријавиле и минале низ заднински проверки кај нивните влади. Нормалното проверување во вториот ред би се однесувало на мнозинството патници. Новата технологија би им овозможила да минат без потреба да ја соблекуваат облеката или чевлите, или да ги распакуваат нивните торби. Патниците за кои се достапни помалку информации, кои се случајно избрани или за кои се чини дека има „зголемен ризик“, ќе имаат поголеми проверки во третиот ред.
Системот би ги фокусирал ресурсите кај патниците кои претставуваат најголема закана, а во исто време би се намалил метежот за големо мнозинство патници кои се со низок ризик, соопшти ИАТА, која ги претставува главните авиокомпании во светот.
„Денешните проверки се предвидени пред четири децении, за да се спречат киднапери кои носат метално оружје. Време е да се премисли за се“, изјави Џовани Бисињани, генерален директор и главен извршен директор на ИАТА, на Светскиот самит за воздушен сообраќај во Сингапур. „Тоа значи пренасочување од систем што бара лоши предмети кон систем што може да најде лоши луѓе“, истакна Бисињани.
Биометриски идентификувач во пасошот би одредувал во кој ред би одел патникот врз основа на процена на ризикот направена пред да пристигне на аеродром. Деветнаесет влади, меѓу кои и САД, работат на дефинирање на стандардите за „контролен пункт на иднината“, соопшти ИАТА. Групата проценува дека тоа би можело да биде реалност за 5 до 7 години. (Си-Ен-Ен)
|