НАТО жестоко го бомбардира Триполи
Гадафи: Ќе останеме во нашата земја живи или мртви
ТРИПОЛИ – Силни експлозии одекнаа во Триполи вчера изутрина додека НАТО продолжи со најжестокото бомбардирање на либискиот главен град откако во март ги почна воздушните напади, но Моамер Гадафи вети дека ќе се бори до крај. Нападите се одвиваа во текот на вторникот вечерта и продолжија во средата изутрината кога воени авиони го бомбардираа градот неколку пати во час.
Владата на либискиот лидер соопшти дека во бомбардирањата се убиени 31 лице. Наведувајќи дека авиони го надлетуваат и бомби паѓаат околу него, Гадафи пркосно зборуваше по нападите врз неговиот комплекс во Баб ал Азизија. „Имаме само еден избор: ќе останеме во нашата земја живи или мртви“, изјави тој во енергичното аудио обраќање на Државната телевизија. Подоцна беа прикажани снимки од како што беше кажано средбата меѓу Гадафи и племенските лидери што се одржа во вторникот.
Американскиот претседател Барак Обама изјави во Вавшингтон дека има забележителен напредок во операцијата и „е прашање на време кога Гадафи да си замине“. Најмалку 31 лице се убиени во 60 напади во Триполи, изјави Муса Ибрахим, портпарол на владата, пред новинарите. Оваа информација не можеше да биде независно потврдена. „Како може светот вечерва да спие знаејќи дека армии на такво зло доброволно и свесно ја напаѓаат мирната метропола со 60 ракети и убиваат народ... иако има излез од ова. Да се седне, разговара и преговара“, изјави Ибрахим.
Официјален претставник на британската одбрана изјави дека неколку операции спроведени од борбените авиони за своја цел го имале седиштето на тајната полиција на Гадафи и воени инсталации во југозападните предградија на Триполи.
Силите на Гадафи и бунтовниците со недели се во безизлезна положба, каде ниту една од страните не може да ја задржи територијата на патот меѓу Аџдабија на исток, кој силите на Гадафи во понеделникот ја гранатираа, и градот Брега, богат со нафта, на запад кој е под контрола на Гадафи.
Бунтовниците го контролираат источниот дел од Либија, западниот град Мисрата и појасот планини во близина на границата со Тунис. Тие не се во можност да напредуваат кон главниот град против подоброопремените борци на Гадафи.
До бунтовниците се упатени дипломатски понуди од светски сили, вклучувајќи ги Русија и Кина, наспроти нивните загрижености за мешање во внатрешните работи на Либија. Специјалниот руски пратеник за Африка во вторникот од метрополата на бунтовниците Бенгази, изјави дека Гадафи повеќе не може да ја претставува Либија и дека Русија е подготвена да помогне на секој можен начин. Во Пекинг, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека кинески дипломат со седиште во Египет го посети Бенгази за разговори со Националниот транзициски совет предводен од бунтовниците.
Контакт-групата од западни и арапски земји за Либија во мај се согласи да обезбедат милиони долари во невоена помош за да им помогнат на бунтовниците да ги одржат услугите и економските текови во земјата. Тие денес требаше да се состанат во Обединетите Арапски Емирати за да дискутираат за плановите на бунтовниците и финансиските средства за нив. Ал Саеди Гадафи, еден од синовите на Гадафи, во коментарите емитувани на Државната телевизија кажа дека борбите во Либија се обид од исламистите да ја заземат власта. „Членовите на ’Муслиманското братство’, џихадисти и такфиристи (други исламистички фундаменталисти) не треба да сонуваат за враќање во Либија за да ја преземат власта“, рече тој. „Ова е битка на принципи. Лидерот (Моамер Гадафи) и либискиот народ немаат ништо со тоа“, изјави тој во коментарите упатени во телефонскиот разговор за телевизија Џамахирија. (Ројтерс) |