Одбиена тужба против Дик Марти
Брама го тужеше Марти за „нарушување на угледот“ и бараше отштета од 200.000 евра
Тирана - Надлежниот суд во Тирана ја отфрли тужбата на албанскиот државјанин Имер Брама против швајцарскиот сенатор Дик Марти, кој во својот извештај го означи домот на Брама како местото каде што припадниците на Ослободителната војска на Косово убивале Срби и потоа г�� продавале нивните органи.
Советот на Европа во јануари го усвои извештајот на Дик Марти во кој се тврди дека ОВК заробените Срби ги носела во две куќи во Албанија што биле претворени во импровизирани клиники, каде што биле убивани поради трговија со човечки органи. Локалните новинари објавија дека една од куќите наведени во извештајот на Дик Марти се наоѓа во селото Бурај на 25 километри од Тирана и дека е во сопственост на семејството Брама.
Семејството Брама поднесе тужба против Марти и локалниот весник „Маро“, која објави дека нивната куќа што била претворена во „клиника“ каде што биле земани човечки органи, кои потоа со авион од Тирана биле транспортирани и продавани во Западна Европа и Израел. Во овие злосторства биле вмешани припадниците на ОВК, а во извештајот на Марти се посочува и актуелниот косовски премиер Хашим Тачи.
Брама го тужеше Марти поради „нарушување на угледот“ и бараше отштета од 200.000 евра, иако швајцарскиот сенатор во извештајот никаде го нема споменато неговото име, туку тоа беше објавено во локалниот весник.
Надлежниот суд ја отфрлил тужбата како нецелосна, бидејќи не биле поднесени никакви конкретни докази дека Марти изјавил оти станува збор за куќата на семејството Брама.
|