ЛИЧНОСТ
Иван Поповски
Театарската награда со најдолга традиција во Русија „Кристален Турандот“ годинава му припадна на истакнатиот македонски режисер Иван Поповски. Ова е само уште една потврда дека Поповски е една од најпочитуваните личности во руската култура. Сега, како што и самиот изјави при врачувањето на наградата, за неговите врвни остварувања во театарот му аплаудираат и колегите од еснафот, а не само публиката. Иван Поповски престижната награда ја доби за претставата „Годишни времиња“, со која буквално ја маѓепса и македонската публика на премиерата што се одржа лани во Охрид.
Специфичното сценско дело „Четири годишни времиња“ се движи на границата меѓу театарот и музиката, баланс што е во фокусот на интересирањето на Поповски речиси во сите негови досегашни театарски мајстории. А за нив тој и досега беше наградуван многупати. Една од позначајните е онаа на московската критика за претставата „Авантура“, која влезе во електронската енциклопедија „Најважните театарски настани во Русија во последните 50 години“.
Рускиот режисер од Македонија, како што го нарекуваат Иван Поповски во Москва, вели дека ги следи македонските текстови и чека нешто да го испровоцира за да работи македонска претстава. Дотогаш, ќе им се радуваме на неговите врвни успеси надвор. (Т.И.) |