Панде Лазаров проговори за сметките
Според ексдиректорот на ЕСМ, парите се исплатувале пред да се склучат договори со странските компании
Љубиша Станковиќ
По неколкуте одложувања, кои беа оправдувани со нарушената здравствена состојба, на вчерашното судско рочиште поранешниот генерален директор на „Електростопанство на Македонија“, Панде Лазаров, ја даде своја одбрана.
„Наводите во обвинителниот акт ги сметам за невистини и како такви ги отфрлам. Не сум ги сторил делата за кои Обвинителството ме товари“, рече Панде Лазаров на почетокот од неколкучасовното излагање. Прво беа презентирани вештиот наод и мислењето на лекарите од Клиниката за психијатрија, дека кај Лазаров е констатирана акутна реакција на стрес со продолжена реакција, но оти неговата психичката состојба е подобрена и може да го следи судењето.
Лазаров рече дека обвинението се темели на еден голем период во кој сосема кратко време бил прв човек на ЕСМ, па токму од тие причини и не можел да биде одговорен за многу работи за кои сега е обвинет. Исто така, Лазаров кажа дека тој не можел да договара провизија по договорот што бил склучен меѓу Стопанска банка и германската компанија „МАН такраф фордертехник“ од Лајпциг, бидејќи договорот го направила правната служба на банката. Тој вели дека не учествувал во изборот за најповолен понудувач на опрема, а ЕСМ не вршела плаќање на пристигнатите фактури, бидејќи се' одело преку „Технометал Вардар“.
„Секогаш кога Владата ќе ме поставеше за в.д. или за генерален директор на ЕСМ јас за тоа дознавав од медиумите. Постојано барав да се занимавам со техниката, област каде што и сум најстручен, а не да раководам со компанијата“, изјави Лазаров пред судот и потврди дека токму поради неговата стручност му биле исплатени средства од германската компанија „Хаинан СИТ ентерпрајс корпорејшн“. Имено, парите му биле исплатени за завршени консултантски услуги, но тој не поседува никаков договор со кој ќе го потврди партнерството со компаниите, кои требало да испорачаат опрема за потребите на РЕК „Осломеј“ и на ХЕЦ „Козјак“. Лазаров се бранеше со кажување дека услугите биле дадени многу пред склучувањето на договорите со германската и со кинеската компанија и оти средствата кои легнале на негова сметка во унгарската МКБ банк, по направени консултации со еден вицегувернер на НБМ, не ги пријавил никаде. Тој потврди дека исплатите во тогашни германски марки биле конвертирани во американски долари и оти во 2006 година парите од Унгарија ги префрлил на сметка во берлинската Ландесбанк во Германија.
Јавното обвинителство го товари Панде Лазаров за перење пари и за други приноси од казниво дело, односно дека присвоил 300.000 американски долари и 190.000 тогашни германски марки. Според Обвинителството, од 30 октомври 1996 до 15 јули 1998 година, на сметката на Лазаров во МКБ банк НЗРТ во Будимпешта, Унгарија, четири пати, биле уплатени пари од германската фирма, а на 10 август 1998 година и кинеската компанија уплатила околу 300.000 долари. |