Свирепо убиена 55-годишна охриѓанка

Стојка Митреска била усмртена со повеќе удари во пределот на главата, а нејзиниот сопруг е повреден
Симон Илиевски
ОХРИД – Педесет и петгодишна охриѓанка вчера свирепо беше убиена во близина на фабриката „Застава“, додека нејзиниот сопруг е полесно повреден. Убиството било извршено со тврд предмет, при што на Стојка Митреска и' биле нанесени повеќе удари во пределот на главата и на лицето. Полицијата се' уште ги утврдува причините и трага по сторителот. Соседите на брачната двојка Митрески се шокирани, кои велат дека двајцата биле многу повлечени и мирни и не можат да претпостават зошто некој би сакал да им нанесе зло.
Убиството се случи вчераутро околу 7 часот на улица „Александар Турунџе“ во Охрид. Под неразјаснети околности, била убиена Стојка Митреска, која починала на местото на убиството од силните удари по главата. Од СВР - Охрид најавија дека ќе биде извршена обдукција на телото. Сопругот Диме Митревски (55) се здобил со полесни повреди во вратот и градниот кош. Тој се наоѓа на Хируршкото одделение при Општата болница во Охрид и е надвор од животна опасност.
„Со повреди во вратот и исеченици, вчераутро на Хируршкото одделение беше донесен Диме Митревски и врз него беа направени неопходните интервенции. Тој се наоѓа во стабилна состојба и е надвор од животна опасност“, вели дежурниот хирург во болницата Диел Аголи. Оттаму не даваат подетални информации за пациентот.
„Важеа за добри соседи, беа мирни и не можеше глас да им се слушне. Не веруваме дека причина за убиството била семејна расправија. Диме сам отишол и побарал помош во болницата“, велат соседите.
Истрагата треба да утврди како се случил овој трагичен настан. Полициски службеници, истражен судија и екипа на СВР- Охрид работат на прибирање податоци за да се утврдат причините или идентитетот на сторителот и мотивите за извршување на овој грозоморен чин. |