Поглед
И рекламите убиваат
Даниела Трпчевска
Пред неколку дена градежните работници во Битола кои ја прошируваа раскрсницата во центарот на градот не можеа ни да претпостават дека огромното рекламно пано, кое се нишаше лево-десно под налетот на ветерот, ќе се струполи врз нив и ќе го усмрти нивниот колега.
Џиновското метално пано, кое буквално како да се откорна од земја, му го одзеде животот на 42-годишниот Драги Јончевски, татко на две малолетни деца. Жртва на невремето и на огромниот билборд лесно можеа да бидат и сите случајни минувачи во близина на рекламните паноа, кои поради неразјаснети причини злокобно надвиснувале и се нишале под налетот на ветерот, заканувајќи се дека секој момент ќе се струполат и ќе смачкаат се' пред себе.
По интервенција на преплашените граѓани, полицијата ги обезбедуваше другите накривени билборди, а фирмите ги зацврстуваа темелите на огромните метални табли. Но, за жал, предоцна. Разнишаниот билборд и невремето веќе ја зедоа својата жртва. Стравотно е тоа што и кога ќе се случи некоја ваква трагедија, во која има недолжна жртва, сите бегаат од одговорноста. Не може да се лоцира каде избил курцшлусот оти, никој не прифаќа одговорност.
Општината ја префрла одговорноста на рекламните куќи, тие пак тврдат дека работат според високи стандарди и укажуваат дека ниту ветерот ниту, пак, невремето не се виновни, туку самите работници што ги раскопале темелите на паноата, кои било планирано да се дислоцираат. Дали во трката за профит не биле испочитувани правилата за поставување билборди, дали работниците што ја проширувале улицата ги поткопале темелите или можеби на несреќата влијаел некој трет фактор, ќе покаже истрагата. За трагедијата не е виновен само ветерот! |