ЕДИТОРИЈАЛ
Нема с(о)вест за плаќање струја
Маја Томиќ
Неплаќањето на сметките за струја, заедно со крадењето или дивото приклучување, е дамнешна практика во земјава со која никако на крај не може да излезе ЕВН - ЕСМ, исто како и некогашното ЕСМ. Не плаќаат ниту државните институции, ниту граѓаните. Долговите по таа основа се трупаат од година на година. Само буџетарите имаат долг за струја од петнаесетина милиони евра. Долгот на граѓаните е значително помал, но дисциплината на неплаќање е поголема. Што му останува на ЕВН - ЕСМ освен да ја примени најнепопуларната, најпримитивната, но, за среќа, најефективната мерка, ножиците. За жал, тоа се прави се' почесто во последните месеци поради се' поалармантната состојба со неплаќачите.
Колку и да беше нормално да очекуваме дека австриската компанија ЕВН, која стана газда на поранешно ЕСМ, ќе има шанса да ни презентира некои нови европски начини на управување и релации со потрошувачите, за наша жал и на наша штета, тоа не го добивме. Затоа што, едноставно, населението во Македонија се' уште нема свест и совест дека треба да ја плаќа редовно потрошената електрична енергија. На многу граѓани им е сеедно што имаат по една, две или три опомени од ЕВН - ЕСМ за исклучување, тие и понатаму продолжуваат со неплаќање, а така се однесуваат, пред се', затоа што инкасаторот едноставно нема пристап до нивниот струјомер. Кога оваа ситуација трае долго и со години, на ЕВН - ЕСМ му преостанува едноставно да исклучи цела општина.
Токму тоа се случи пред два дена. Од струја беа исклучени 18 часа пет села, Арачиново, Мојанци, Орланци, Света Петка и Грушино. Акцијата не престанува со нив, ЕВН - ЕСМ најави дека ќе ја продолжи и во други села и општини во земјава, а часовите на исклучувањата ќе се зголемуваат доколку и понатаму не се плаќаат сметките. Друг начин нема. Во дел од овие општини наплатата е нула, а во некои е минимална. Може да очекуваме дека состојбите ќе бидат променети само ако се смени начинот на размислување, а тоа оди најтешко. Прво треба да се расчисти во главите на секој дека мора да се плаќа за струјата што се троши и дека никој во државата не треба да има привилегии кога се во прашање граѓанските обврски. Зошто, пак, некој да плаќа за струја, а некој да се прави „удрен“.
На арачиновци пред неколку години, за време на воената криза во земјава, државата им отпиша значителна сума за неплатени сметки. Но, во оваа општина практиката на неплаќање продолжи. Не држат приказните на арачиновци дека се социјални случаи, па не можат да плаќаат струја, бидејќи од друга страна, возат џипови и „мерцедеси“. Ако и навистина има такви, не само во Арачиново, туку во која било општина, сепак, тоа не е грижа на ЕВН - ЕСМ, туку на државата. Таа треба да мисли на социјалците што не можат да плаќаат сметки и треба да воведе некакви субвенции. Тоа се најавува во изминатите пет години од страна на две влади, но ништо нема конкретно.
Проблемот со неплаќањето на сметките за струја со години редовно е најприсутен во општините со претежно албанско население. Како вистински рај за неплаќачите на струја одамна важат некои скопски општини, потоа Тетово, Струга, Гостивар и Куманово, каде што наплатата не е ниту 50 отсто. Проблемот со неплаќањето не е само проблем на ЕВН - ЕСМ, тој е проблем и на државата која со тоа ја покажува правна лабавост. Сите граѓани од секоја држава во светот се должни да плаќаат сметки и даноци на државата. Во вистинските правни држави на неплаќачите им се пресудува веднаш и без милост. Ако за два дена се задоцни со плаќањето на сметката за струја, таа автоматски се исклучува, бидејќи броилата се управуваат дигитално. И никој не се осмелува да се приклучи диво, зашто веднаш ќе оди во затвор. Ако не се плати кредитот за куќата, банката го зема целиот мебел, ја запечатува куќата, а неплаќачот оди на улица. Дали се останало без работа и се станал социјален случај, тоа не е проблем на услужните претпријатија, туку на државата и на социјалните установи. |