Четворица повредени во експлозија на автомобил - бомба во Драчево

Синовите на сопственикот на сервисот се полесно повредени, а двајца се тешко повредени
Јулијана Кимовска
Четворица се повредени завчераноќ во експлозија на бомба поставена во автомобил паркиран пред автомеханичарски сервис во скопската населба Драчево. Двајца од повредените се синови на сопственикот на сервисот, а настрадал и нивен пријател, како и лицето кое го обезбедувало сервисот. Несреќата се случила кога експлодирал автомобилот БМВ, кој бил донесен на поправка во сервисот. Според полицијата, бомбата која била претходно поставена во автомобилот се активирала и предизвикала силна експлозија во моментот кога четворицата влегувале со џип во дворот на сервисот. Полициската истрага треба да открие зошто и за кого била наменета бомбата.
Експлозијата се случила во 23,30 часот завчераноќ пред автомеханичарската работилница „Иле“, сопственост на Иле С. на улицата „Дреновска Клисура“ во Драчево. Во моментот на експлозијата, синовите на сопственикот, Димитар (19) и Славчо (25), заедно со нивниот другар Марко Д. (20) се враќале дома. Додека го паркирале нивниот џип во дворот, се активирала бомбата поставена во левиот заден дел на БМВ-то.

Тројцата се повредени во стомакот и нозете, а Златко Т. (27), вработен во агенцијата за обезбедување „Преторијан“, кој го обезбедувал сервисот, е пренесен во болница со сериозни повреди на градниот кош. Момчињата веднаш биле пренесени во Ургентниот центар, додека обезбедувачот е задржан на лекување во Градската болница. Браќата се со помали повреди, за разлика од нивниот пријател кој се здобил со тешки повреди во стомакот.
„Двајца од повредените имаат повреди на нозете и се надвор од животна опасност. Додека Марко Н. е со посериозни повреди во пределот на стомакот. Изминатата ноќ е опериран и се наоѓа на Клиниката за дигестивна хирургија“, велат од Ургентниот центар. Истрагата на МВР се' уште не обезбедила сознанија за кого била наменета бомбата. Останува прашањето дали цел на експлозијата бил сопственикот за БМВ-то или, пак, газдата на сервисот. Вчера во полиција бил повикан сопственикот на БМВ заради расветлување на инцидентот.
Автомобилот во кој била поставена бомбата е целосно уништен. Од силната експлозија, оштетена е работилницата, како и два автомобила што биле паркирани во сервисот за поправка. Оштетувања се направени и на две соседни куќи. Вработените во сервисот вчера го обезбедуваа местото на несреќата, не дозволуваа снимање, ниту, пак, беа расположени да раскажат што се случило.
„Ја слушнавме експлозијата. Но, не знаевме што се случува, не знаевме каде пукнало,“ велат жителите на Драчево. Соседите на Иле С. велат дека тој е добар сосед и дека претходно немал никакви проблеми. Полицијата направила увид на местото и земени се материјали од кратерот направен од разорната експлозија. Секторот за антитероризам во МВР ќе испитува за каков вид експлозивна направа станува збор и за нејзиното потекло. Вештачењето на експлозивната направа треба да покаже дали бомбата била далечински управана или на тајмер. |